Новинарот Миленко Неделковски при пожарите во Атика, регион до Атина, напиша ФБ пост во кој користеше недолични зборови за жртвите од огнената стихија во која загинаа 100 лица

Објавил: Мирко Бачиќ | 19 октомври, 2018 12:06

Миленко ќе оди во затвор? Обвинителството го товари за фејсбук статус

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот суд достави обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Лицето, како што е наведено во соопштението од Јавното обвинителство, се товари дека на 24 јули годинава преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност.

Осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци, кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години. – се наведува во соопштнието од Обвинителството.

Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител преку МВР – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди детален документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на осомничениот на социјалната мрежа, како и други докази.

Осомниченото лице не дало свој исказ пред надлежен јавен обвинител, бидејќи не било достапно на неговата адреса за да му биде врачена поканата.

Дополнително, во конкретниот случај, Обвинителството имаше увид и во дадените коментари од други лица кон објавениот текст на осомничениот, но притоа оцени дека од кривично-правен аспект постојат основи за постапување само против осомниченото лице, бидејќи тој врз основа на својот општествен статус и професијата која ја извршува, со објавата ги поттикнал останатите коментари во јавноста.

Обвинителството, како орган кој ги гони сторителите на кривични дела, по својата поставеност, ги цени законските можности за постапување, фактите и доказите во секој конкретен предмет, како и општествената оправданост за јавнообвинителско постапување, особено водејќи сметка да не ја наруши слободата на изразување.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.