Повик за обединување

Објавил: Калина Мартинска | 19 април, 2024 19:48

Мицкоски ги повика Апасиев и Димитриевски на обединување

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

ВМРО-ДПМНЕ ги покани Димитар Апасиев и Максим Димитриевски на обединување за македонско национално единство.

Повкиот го упати лично опозицискиот лидер на стартот на кампањата за парламентарните избори, најавувајќи дека во неа, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги напаѓа опозициските партии.

Повикот за обезбедување на македонско национално единство во државата никогаш не бил толку потребен како сега, порача Мицкоски, кој вети голема победа и подобар живот со ВМРО-ДПМНЕ без исклучок, за сите граѓани. Тој ја прозва СДСМ дека сценариото по секоја цена да ја зачува власта нема да помине.

Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.

Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.

„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

Димитриевски прифаќа

На Димитриевски му е мило. Вели, идејата потекнала од неговата партија.

„Мене искрено ме импонира што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нè копира во некои постапки. Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално единство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме“, изјави денеска Димитриевски во своето гостување на радио Лидер.

Тој истакна дека ЗНАМ е нова политичка партија која е конструктивна опозиција во однос на централната власт.

„На локално ниво имплементираме власт, таму немаме официјално потпишано коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но дефинитивно има соработка. Имаме соработка со ВМРО-ДПМНЕ и со албанската опозиција“, рече Димитриевски.

Левица одби

Лидерот на Левица, пак, Димитар Апасиев, по повикот на Мицкоски за единство, на Фејсбук порача:

„Не верувај им на дпмнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!“

Левица и ЗНАМ се единствените партии надвор од големите блокови кои имаат шанси за пратенички мандати на овие избори. Прогнозите велат дека заедно би можеле да добијат и над 10 пратеници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.