Поранешниот директор на УБК, Мијалков, не само што не доби олеснителна времена мерка, туку од страна на Кривичен Суд му се изречени дополнителни 30 дена притвор во Шутка

Објавил: Мартин Попоски | 2 декември, 2018 5:55

Мијалков со нови 30 дена притвор за „Империја“

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Судијката Весна Димишкова доцна синоќа му определи 30 дневен притвор на ексдиректорот на тајната полиција Сашо Мијалков, по барање на СЈО.

Вчера околу 15 часот Мијалков беше спроведен од затворот Скопје во кривичниот суд, придружуван од десетина припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР). Притворот за Мијалков му е определен доцна синоќа поради влијание врз сведоци и опасност од бегство.

Неговиот адвокатски тим има 24 часа да поднесе жалба на решението до кривичниот совет на скопска единица. За Мијалков во моментов има 4 активни обвиненија за случаите: „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“ и „Титаник 2“, како и истрагата за случајот „Империја“.

Мијалков е во притвор од 20 ноември на барање на специјалното јавно обвинителство за случајот со масовното прислушување. Ова е прв случај на СЈО да се бара нов притвор за лице кое веќе се наоѓа во притвор.

Во „Империја“ триесетдневен притвор добија пет осомничени лица. Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари се бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на Пелагонија Цветан Панделески, како и директорот на фирмата Ексико Тодор Мирчевски.

Во овој случај, СЈО поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело, гони 14 лица, а истрагата најавија дека ќе се проширува.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести