На потег е Собранието

Објавил: Узунов Бобан | 2 септември, 2019 16:12

На Катица и се одброени деновите како шеф на СЈО, Талат Џафери го достави извештајот до Димовски

Фото/Текст извор: ©магазин

Претседателот на Собранието Талат Џафери го достави извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева до претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски, информираат од Собранието.

Според собраниската процедура Димовски, сега треба да закаже седница на која ќе се одлучува за разрешувањето на Јанева.

Комисијата ќе треба да одлучи дали седницата ќе биде отворена за јавност или зад затворени врати.

Според собранискиот Деловник откако ќе заврши расправата на Комисијата, претседателот на Собранието ќе треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. Конечната одлука на пратениците ќе треба да крајот да ја потврди и Советот на обвинители.

Првиот човек на СЈО е осомничена во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластувањата. По разгледувањето на извештајот, Комисијата за избори и именувања најверојатно на Собранието ќе му предложи разрешување на Јанева, по што треба да се закаже пленарна собраниска седница, а ако овој предлог биде прифатен и од Собранието, Советот на јавни обвинители ќе треба само да ја потврди таа одлука.

Ова и натаму не го решава проблемот со прв човек на СЈО. Сѐ уште траат дискусиите за тоа дали Советот на јавни обвинители има право да именува в.д. специјален обвинител, или за тоа треба да се повтори процедурата – Совет – Комисија – Собрание – Совет.

Освен тоа, се чека и на резултатот од собраниската расправа и меѓупартиските разговори за предлог-законот за јавно обвинителство, со кој СЈО ќе се интегрира во редовното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ако се донесе овој закон, тогаш ќе нема потреба ни од избор на в.д. специјален обвинител.

Седницата на Комисијата за избори и именувања ќе биде затворена за јавноста затоа што ќе се разгледува извештај на Обвинителството за организиран криминал за случај што е во истрага. Jанева е во притвор од 21 август.

Во Собранието денеска треба да продолжи расправата за предлог-законото за јавно обвинителство на Комисијата за европски прашања, а можна е и средба на работните групи на партиите за ова прашање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести