АД ЕЛЕМ го прекршила Законот за јавни набавки па доделила тендер на компанија која извршила проценка на дефект за кој подоцна го доставила како основа во понудата

Објавил: Мартин Попоски | 14 октомври, 2018 10:25

Нов тендерски скандал вреден 250 илјади евра, компанијата сама си ги напишала условите

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Нема крај на тендерските афери кои како и во периодот на Бранко Црвенковски, така и во владеењето на Зоран Заев станаа заштитен знак за СДСМ.

Нова злоупотреба на Законот за јавни набавки, овојпат со изборот на економскиот оператор Раде Кончар – Сервис од страна на АД Електрани на Македонија.

Имено, спротивно на член 43 од Законот за јавни набавки во кој стои дека “лицата кои учествуваат во изработка на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи или членови во група на понудувачи во постапката за доделување на договорот“, АД Електрани на Македонија, склучил договор и со тоа овозможил фаворизирање на економскиот оператор како и “давање на информации со цел стекнување на незаконска предност над другите економски оператори“.

На објавениот оглас, АД Електрани на Македонија – Скопје со доставена една понуда, склучил договор за јавна набавка на услуга од сервисирање на енергетски трансформатор за ПЕ Термоелектрани, РЕК Битола број 09т-4808/1 од 19.09.2018 година со економскиот оператор Друштво со ограничена одговорност Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи Скопје на износ од 15.340.000,00 денари со пресметан ДДВ што е сума од околу 250.000 евра.

Претходно, економскиот оператор Раде Кончар на ден 29.01.2018 година изготвил записник за извршена дефектажа со листа на спецификација за тоа кои активности треба да се преземат односно кои делови да се набават за да се изврши поправка на трансформаторот. Овој записник бил дел, односно пресликан во техничката понуда со листа на позиции на објавениот оглас од АД Електрани врз основа на којшто подоцна бил склучен и договорот.

Ова е класично прекршување на членот 43 од ЗЈН во којшто децидно е наведено дека лица кои учествуваат во изработка на тендерската документација, во случајот техничките спецификации како составен дел од тендерската документација, не смеат да бидат понудувачи во постапката.

Оттука се наметнуваат прашањата дали со објавениот оглас и склучениот договор е фаворизиран еден економски оператор, односно носителот на набавката и дали АД Електрани на Македонија му овозможил незаконска предност пред другите економски оператори со тоа што тој уште пред да биде објавен огласот веќе ги знаел активностите што треба да се преземат и деловите што треба да ги набави за да изврши поправка на трансформторот?

Дополнително, краткиот рок од само 90 работи дена што го дефинирал АД Електрани на Македонија во тендерската документација за поправка на трансформаторот, во голема мера влијаел на ограничувањето на конкуренцијата меѓу економските оператори.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести