На овоштарите им претстои "пеколен" крај на сезоната кој може да биде кобен по планираниот род за следната година

Објавил: Мирко Бачиќ | 21 август, 2018 7:10

Овоштарите на протести каде МВР ги провоцира и фотографира

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Со почеток во 11 часот од вчера започнаа најавените протести на производителите на слива во Делчево. Беше блокирана раскрсницата кај Меѓународниот пат А3 кој го поврзува Делчево со бугарската граница. На протестот учество зедоа над 30 производители на слива со својата земјоделска механизација кои што во времетрање од еден час го блокираа сообраќајот во двете насоки.

Од страна на производителите кои протестираа беа искажани уверувањата кои ги имаа добиено од страна на претставниците на Министерството за земјоделие – шумарство и водостопанство во текот на денот за исплата на најавените 2 денари за килограм на откупувачите и 3 денари на производителите како и исплата на штета на неоткупената слива чија што количина и износ ќе се утврди од страна на комисија која ќе излезе на терен.

“Бараме три денари за откупена слива. Имаше претставници од Министерството за земјоделие ни кажаа дека од среда ќе дојдат трговците да купуваат. Ако е така ќе прекинеме со протестот ако не е така од четврток натаму ќе бараме да доаѓаат и проценители и за сливата што останува на нивата да ни плаќаат. Во нашава држава било кој да изрази некакво незадоволство тоа станува политика. Тука има само овоштари кои трпат загуби и веќе не знаеме како да ја поминеме годината. Само јас имам загуба од 300 тона а за нив имам вложено да ги произведам 15.000 евра и голема работа.” – вели производителот Атанас Ангеловски од село Град.

Агрономот Раде Манасиевски  кој со децении работи со производство на овошја како сливата и јаболката, вели дека никогаш не им било потешко на земјоделците но и предупреди дека ако не се соберат сливите може да биде и полошо.

“Поради топлото време сливата веќе почнува да се расипува. Мора што побргу да се реагира ниска е цената за откуп од пет денари и дополнителни два денара од државата ама сепак ќе се согласиме и на тоа. Родот поскоро треба да се складира бидејки ќе се појави болеста монилија а со тоа ќе се создадат нови проблеми за натамошниот род.  Затоа апелирамe Министерството да најде решение за да не се повтори 1984-та година кога од преголемиот род дрвјата од насадот со сливи се скршија и штетата беше ненадоместлива.”

Во текот на протестот се случи инцидент во кој неуниформирано лице на МВР од Полициската Станица во Делчево ги фотографираше тракторите и земјоделската механизација како и лицата кои протестираа на протестот. На тоа дел од луѓето кои протестираа реагираа вербално сметајќи ја ваквата постапка за притисок и опструирање кон самиот протест.

По што мораа да реагираат униформираните полицајци од сообраќајната полиција со цел за спречување на ескалација на состојбата а по смирување на тензијата од страна на производителите во знак на протест беше истурен дел од нивниот скапоцен род на местото на протестот по што од страна на униформираната полиција беа предупредени дека ќе мора да го соберат за да не им пишуваат казни на оние кои протестираат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.