Бучковски побара да се одложи и следното рочиште бидејќи бил поканет на научна конференција во Бугарија на тема поврзана со претстојниот референдум во Македонија

Објавил: Мирко Бачиќ | 14 септември, 2018 11:11

Одложено рочиштето за тенковските делови за Бучковски

Фото/Текст извор: ©макфах.ком.мк/магазин.мк

Кривичниот суд во Скопје денес го одложи рочиштето од третиот обид да се докаже вината на поранешниот премиер од СДСМ Владо Бучковски во аферата “Тенковски делови”.

Во кривичниот суд во Скопје денеска беше одложено судењето за тенковски делови за поранешниот премиер Владо Бучковски, поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски и за уште неколкумина вработени во Министерството за одбрана и директорот на „МЗТ ФОП“.

Денешното рочиште беше одложено бидејќи не дојде Трајче Китановски, адвокат на Методи Стамболиски, оти бил на друго судење. Обвинетиот не прифати да го застапува друг адвокат и инсистираше тоа да биде неговиот.

Владо Бучковски е познат по наголемиот пораз на СДСМ во периодот 2002 – 2006 кога во Владата се сменија 3 премиери (Црвенковски – Костов и Бучковски) а во партијата три претседатели (Црвенковски – Шекеринска и Бучковски) но и бројните афери како “Тенковски делови” и “Маѓар Телеком” поради што е исфрлен од СДСМ во 2006 година по падот на СДСМ од власт.

Владо Бучковски побара да се одложи и следното рочиште на 20 септември, бидејќи бил поканет да присуствува на научна конференција која ќе се одржи во Софија, Бугарија од 19 до 21 септември, за тема поврзана со претстојниот референдум во Македонија. На судот му ја достави и поканата на бугарски јазик и барање за отсуство заведено од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Обвинетиот Нелко Менкиновски, пак, замоли да нема рочиште до 1 до 10 октмври, бидејќи бил водач на туристичка тура.

Обвинителот не реагираше на барањата за подоцнежно закажување на рочиштата. Судијката Даниела Алексова Стојановска закажа 3 рочишта, од кои првото следно е на 6 ноември.

Врховниот суд во 2016 година го прифати барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Тенковски делови“ и по извршената ревизија ги укина претходно донесените пресуди и наложи судската постапка да се врати од почеток.

Случајот датира од 2001 година, кога Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т 55“. Шест години подоцна Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка.

Обвинителството, во јули 2007 година, излезе со обвинителен акт со кој се тврдеше дека Бучковски и Стамболиски ги злоупотребиле нивните позиции и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од приближно 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести