Пописот 2021 е нашата заедничка иднина, која ни отвора европска перспектива за нашата држава и за нас лично како нејзини граѓани.

Објавил: Перо Милчин | 2 февруари, 2021 18:36

Податоците од пописот се основата за креирање на нашата заедничка иднина, за перспективите на нашите граѓани и нашата држава

Фото/Текст извор: ©магзин.мк

Пописот на населението, домаќинствата и становите кој ќе се спроведе во април 2021 година ќе ги даде сите потребни одговори во однос на обезбедување квалитетни статистички податоци кои се клучни за градење стратегии и политики и за успешен и предвидлив развој на државата.

Пописот не е и не смее да биде политичка операција, туку независна статистичка операција, организирана согласно стандардите не Обединетите нации и според правилата на Евростат, статистичка операција која ни недостига речиси 20 години.

Пописот годинава ќе се спроведе со значително помалку средства споредено со последниот неуспешен обид за попис, поевтино од што се предлагаше, а се спроведува со најмодерните алатки и технологии.

Пописот е задолжителна активност и законска обврска за сите лица и домаќинства.

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, пописот се споменува како важна обврска на нашата држава која треба да биде реализирана. Поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите со ЕУ.

Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наша должност, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца.

Преку одговорното учество граѓаните ќе придонесат во ажурирање на податоците, со цел да обезбедиме факти наместо претпоставки, да обезбедиме податоци важни за општините, за бизнис заедницата, за невладиниот сектор и секој граѓанин како дел од нашата држава.

Ажурираните податоци, кои ќе ги обезбедиме преку пописот, овозможуваат општините да го планираат својот развој, условите за инвестициите, буџетските средства и ќе можат да ја зголемат прегледноста врз основа на која ќе ги планираат буџетските средства и средствата  од ЕУ фондовите.

Методологијата и темите на пописот се дефинирани од страна на меѓународните статистички тела и се рефлектираат и во законодавството на ЕУ.

Програмата за попис на населението и домаќинствата во 2020 година е координирана од страна на Статистичката комисија на Обединетите нации и Конференцијата на европски статистичари на UNECE. Принципите и препораките за 2020 година беа одобрени уште во 2015 година.

Државниот завод за статистика ги има сите професионални и стручни капацитети и е подготвен успешно да одржи и спроведе попис согласно стандардите на Обединетите нации и на Евростат.

Пописот 2021 за прв пат дава можност да се попишат и нашите граѓани и нивните домаќинства во странство. Ова ќе овозможи давање приказ на миграциските движења, што е добра основа за градење стратегии и политики за успешно запирање на овој процес.

Пописот 2021 е нашата заедничка иднина, која ни отвора европска перспектива за нашата држава и за нас лично како нејзини граѓани.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.