Индикативно е што во еден месец, полицијата два пати за време на судско рочиште, го посетува домот на актерот Јовановски, барајќи потврда дека Владо не го напуштил домот

Објавил: Мартин Попоски | 6 ноември, 2018 8:07

Полициска тортура врз Јовановски

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Пред десетина дена припадници на МВР приредиле уште еден силен стрес на семејството на актерот Владо Јовановски.

Полицајци одговорни за контрола на мерката домашен притвор пристигнале во домот на актерот и проверувале дали Јовановски е дома додека тој бил на судење.

Проверката на неговиот дом се случила додека актерот кој е обвинет за тероризам во случајот за немилите настани во Собранието бил во судот, потврдуваат полициски извори кои ги осудуваат своите колеги за непрофесионалност.

Според протоколот полицајците морале да знаат дека актерот не е дома по налог на судот и не смееле да заминат во домот на актерот затоа што биле свесни дека со тоа предизвикуваат стрес на неговите деца и сопруга.

Семејството на Јовановски не сака да зборува за инцидентот кој не е прв.

Извори блиски на семејството апелираат на човечност од полициските службеници и нивните наредбодавци во интерес на децата на актерот кои секоја проверка од страна на полицијата додека нивниот родител не е дома по налог на судот ја доживуваат како тежок психички стрес.

Тие не исклучуваат дека посетите на полицајците за време на судските процеси се свесно организирани за да се изврши поголем притисок во Јовановски.

Според нив повторување на предходните слични инциденти и лошата координација меѓу полицијата и судот во повеќе наврати не мора да е грешка туку може да биде свесен обид за ширење страв и паника кај актерот и неговото семејство.

Ова не е прв инцидент, имено пред еден месец исто ваков се одвивал во домот на Владо Јовановски кого полицијата го барала додека тој бил на судење кое тој ден траело повеќе од 14 часа.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.