Во првиот круг од претседателските избори, телевизија Алфа се одлучи за индивидуални претставувања на кандидатите преку интервјуа во рамките на емисијата Отворено.

Објавил: Катерина Крстиќ | 30 април, 2019 22:32

Прво прифатија, па одбија ТВ дуел во последен момент- новинарката Коровешовска револтирана на тимот на Пендаровски

Фото/Текст извор: ©магазин.мк фото: Фејсбук

Новинарката и водителка на емисијата “Отворено” на телевизија Алфа, Искра Коровешовска револтирана од тимот на кандидатот за претседател поддржан од владеачката СДСМ.

Таа на својот Фејсбук профил објави дека по првиот круг од претседателските избори, бил планиран и договорен термин за ТВ ДУЕЛ, на двајцата кандидати за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, но поради необјасниви причини, беше откажано присуството на Пендаровски. 

Водителката на емисијата “Отворено” на Алфа, револтирана од тимот на Пендаровски на својот Фејсбук профил постави неколку прашања до нив, поврзани со ненавременото известување и откажување на присуството на ТВ дуелот закажан за денеска.

Новинарката и водителка на емисијата “Отворено”, напиша дека најпрво преку Вибер комуникација било потврдено неговото гостување.

Бидејќи тимот на Пендаровски смета дека Алфа шпекулира и шири неточни информации, се чувствувам должна да објаснам, односно да им поставам неколку прашања, бидејќи договарањето на дуелот одеше преку мене, односно требаше да го водам јас. Известувањето дека нема да учествува заради наведените причини, како однапред испланирани активности и слично… стигна во 10.51 денеска, додека тимот на Силјановска Давкова од старт, веднаш, даде потврден одговор, па дури беа и подготвени да се прилагодат на тимот на Пендаровски. Еве јас сега прашувам:
Зошто чекавте да одговорите дури денеска кога барањето за ТВ Дуел, уредно и писмено беше испратено на 9 април?
Зошто потврдивте учество на 17 април,на вибер, за што имаме докази од комуникацијата, а потоа се предомисливте, до последно држејќи во неизвесност ?
Ако сме искрени нека сме искрени до крај! Алфа не шпекулира!,напиша Коровешовска на својот Фејсбук профил.

Инаку ТВ Алфа објави дека е откажано соочувањето на претседателските кандидати кое беше закажано за вечерва, и наведуваат дека од штабот на Пендаровски прво се согласиле, па се предомислиле за денешното соочување со противкандидатката Силјановска-Давкова.

Почитувани, од почетокот на кампањата за претседателски избори, телевизија Алфа професионално известува за кампањата на кандидатите. Во таа насока се и извештаите од Агенцијата за медиуми.Во првиот круг од претседателските избори, телевизија Алфа се одлучи за индивидуални претставувања на кандидатите преку интервјуа во рамките на емисијата Отворено.Тв дуелот на двајцата кандидати кои би влегле во вториот круг, го планиравме за вториот дел од кампањата. Токму затоа уште во текот на првиот дел од кампањата, телевизија Алфа ги покани кандидатите за тв соочување со наведени датуми и термини согласно нашата програмска шема, при што добивме потврден одговор од сите штабови на кандидати кои ги поканивме,стои во веста објавена од ТВ АЛФА.

Од таму додаваат дека по завршувањето на првиот круг од гласањето, на тв Алфа бил емитуван рекламен спот со најава за ТВ Дуелот кој бил предвиден за вечерва.

Кога заврши првиот изборен круг, телевизија Алфа емитуваше рекламен спот со најава со однапред договорениот термин, за тв соочување меѓу Силјановска-Давкова и Пендаровски, кандидатите кои ја продолжија претседателската трка.Но од необјасниви причини, уште првиот ден од емитувањето на рекламниот спот, од штабот на кандидатот Стево Пендатовски не’ известија дека тој сепак нема да присуствува на тв дуелот. Тв Алфа побара објаснување, но до денеска, не доби.Телевизија Алфа ќе продолжи професионално да известува за претседателската кампања и за сите активности на кандидатите, посочуваат од ТВ Алфа.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести