Одметнатите пратеници на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата, ќе формираат нова пратеничка група, а во Собранието ќе седат во последните редови, позади поранешните сопартијци

Објавил: Мартин Попоски | 28 октомври, 2018 6:33

“Преселба” на одметнатите пратеници во Собранието

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Прераспределба и реорганизација на пратеничките места се подготвува во Собранието по исклучувањето пратеници од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.

Иако се уште официјално нема формирано нова пратеничка група, извори од собраниските служби велат дека се очекува последните редови од собраниските клупи да ги пополнат седумте пратеници исклучени од ВМРО – ДПМНЕ.

Пратениците од ВМРО  -ДПМНЕ остануваат во првите редови, но веднаш зад нив ќе треба да им отстапат места на довчерашните сопартијци.

Столче до нив, најверојатно, ќе има и пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ, која заедно со Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Елизабета Канческа Милевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Зеќир Рамчиловиќ, кои, според најавите, ќе функционираат како нова пратеничка група.

Иако најавија дека до крајот на неделата ќе се изјаснат како ќе дејствуваат, тие се уште се координираат по што ќе го известат Талат Џафери.

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ја напушти и пратеникот Панчо Минов, кој изјави дека ќе продолжи да дејствува како опозициски пратеник од ГРОМ, без да прецизира дали ја остава отворена можноста и тој да им се приклучи на осумте пратеници од опозицијата, кои го поддржаа предлогот за пристапување кон измени на Уставот.

Со формирање посебна опозициска група, за која, според Деловникот на Собранието, се потребни најмалку петмина, треба да дојде и до нова распределба на членовите на комисиите, како и до нивна вклученост во координативните состаноци кај Џафери.

Како што изјави Џафери нема рок до кога пратениците треба да го информираат за својот статус, но официјализирањето на новата пратеничка група се очекува да биде веќе во понеделник илии среда за кога е закажана седницата за пратенички прашања.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести