Денес за инцидентот од 27-ми април 2017-та година, ќе сведочат Зеќири и Шилегов, а во сабота и Заев, Спасовски, Мемеди и Никола Тодоров.

Објавил: Мирко Бачиќ | 6 септември, 2018 10:06

Продолжува судскиот процес за уставобранителите за 27-ми април

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Напладне во Кривичниот суд продолжува судскиот процес за собранискиот упад од 27-ми април минатата година.

Судењето е во фаза на доказна постапка. За сведоци се повикани пратеникот Мухамед Зеќири и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тие ќе одговараат на прашањата поставени од обвинителството и од одбраната.

За два дена во 10.00 часот, во Кривичен, треба да се појават четворица сведоци коишто се најавени и се очекува маратонско рочиште во Кривичен. За сведоци се повикани премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, екс министерот за здравство Никола Тодоров и пратеникот Весел Мемеди. Заев трет, Спасовки последен ќе сведочи – двајцата владини функционери ќе одговараат на прашањата на обвинителката Вилма Рускоска и на одбраната.

Претходното рочиште траеше речиси 12 часа. Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, пратениците од коалицијата на СДСМ Илија Николовски, Фросина Ременски и Павле Богоевски, беа првите сведоци.

За собранискиот упад во законодавниот дом покрај пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, обвинети се и екс – директорот на БЈБ Митко Чавков, поранешни началници, разузнавачи, односно припадници на понискиот ешалон во МВР.

На обвинителна клупа седат и организаторите на протестите од иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Владо Јовановски.

Меѓу 33-цата обвинети е и Александар Василевски – Нинџа, кој, според обвинението, во 14.39 часот на 27 април 2017 година добил повик од собраниското обезбедување на Никола Груевски, за подоцна да го мобилизира членството, купувањето на качулките, за по 18.00 часот да почне упадот во Собранието.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.