Северна станавме за 36 часа, за 4 се избриша АСНОМ а се впиша Рамковниот, денес се очекува да се изгласаат и последните два нацрт амандмани, во рекорден тридневен рок

Објавил: Мирко Бачиќ | 3 декември, 2018 7:54

Се избриша АСНОМ, се допиша Рамковниот, изгласана и новата Преамбула

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Собранието на Македонија за три дена ќе ги изгласа сите четири нацрт уставни амандмани, иако за нив беше предвидена поединечна петдневна расправа.

По 36 часа од почетокот на Пленарната седница се изгласа промената на името а само четири часа подоцна се избриша АСНОМ од Преамбулата во која се впиша Охридскиот рамковен договор.

Собранието на Република Македонија синоќа со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвои нацрт амандманот XXXIV на Уставот на Репубпика Македонија. Претпладне пратениците го усвоија и XXXIII нацрт-амандман на Уставот, а денес во 11:00 часот 64. седница ќе продолжи со расправа по XXXV, а по неговото изгласување и по XXXVI нацрт-амандман.

За време на попладневната дебата за XXXIV амандман, со кој се предвидува во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор, пратениците од власта и опозицијата ги бранеа своите веќе познати ставови.

Во дебатата се вклучи и Зијадин Села, од Алијансата на Албанците кој рече дека во преамбулата сите граѓани на Македонија треба да бидат еднакви без разлика на етничката припадност. Патот за ЕУ и НАТО, според него, е пат за повеќе права на граѓаните на РМ и еднаквост помеѓу народите и внатрешна меѓуетничка кохезија.

Ние инсистираме да се дефинира како мултиетничка држава во Преамбулата. И верувам дека секој политички субјект во Собранието на еден или на друг начин го има кажано ова. – рече Села.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров му реплицираше на Села дека е легитимно за овие прашања да се разговара, особено во јавната расправа што претстои.

Не е добро чуството дека некој тука е привремено. Македонија е заедничка држава на сите нас и мислам дека е вредно за сето тоа да се дебатира. – рече Димитров на пленарната седница.

Претходно претпладнето Собранието со 67 гласа „за“, четири „воздржан“ и 23 „против“ го утврди нацртот на амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија.

Третата измена гласи дека “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртата се однесува на граѓаните кои живеат во странство, и предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите граѓани кои живеат или престојуваат во странство , и ги промовира нивните врски со татковината, но нема да се меша во суверените права на други држави и нивните внатрешни работи”.

Втората фаза од уставните измени треба да заврши до 18 декември, а целокупната работа на основниот закон до средината на јануари.

По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието, подносителот на измените, Владата треба да организира јавно сослушување во текот на три дена, по што има два дена да подготви извештај и да го достави на пратениците.

Потоа Талат Џафери е должен во рок од 30 дена да закаже седница за да се финализираат промените што како во првата фаза, бараат двотретинско мнозинство.

Ова гласање ќе ја прекине постапката за уставни измени што произлегуваат од Преспанскиот договор. На 19 октомври парламентот, со 80 гласа против и 39 против, ја започна постапката за измена на уставот. Две третини од мнозинството беше осигурано со осум гласа на пратениците од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести