По реакциите во јавноста

Објавил: Узунов Бобан | 28 мај, 2019 15:13

Се огласи и Алекс Ружин: Периодично ги анализарам пазарите на земјите од БЕНЕЛУКС

Фото/Текст извор: ©fokus.mk/магазин

Бизнисменот Александар Ружин, син на поранешниот дипломат и актуелен професор Нано Ружин е еден од надворешните советници на премиерот Зоран Заев – е најновата вест која е актуелна во јавноста денеска. 

Според објавите , тој е дипломатски советник на премиерот за економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција, и за ангажманот добивал месечно по 50.000 денари.

Александар Ружин е повеќе познат во јавноста во вестите од естрадата, а како премиерот Заев ги препознал дипломатските способности на Ружин останува нејасно. Ружин стекна популарност како момче на хрватската поп ѕвезда Антонија Шола. „Александар Ружин, македонскиот џет-сетер е сингл“, во ваков контекст до скоро се известуваше за синот на дипломатот. На неговите профили на социјалните мрежи често споделува фотографии од скапи автомобили и патувања, но и од луксузни вечерни излегувања. Пред околу две години тој се проба и како влогер. Заедно со неговата тогашна девојка Елена почнаа да продуцираат лајф-стајл видеа со пораки за љубов и среќа.

Околу тоа која е поточно функцијата на младиот Ружин, и за какви совети станува збор,  за ,,Фокус” изјавил: 

-Мојот ангажман како надворешен соработник за економски прашања при кабинетот на премиерот Зоран Заев подразбира професионална соработка и комуникација со бизнис и деловни контакти од државите на Бенелукс и Франција. Мојата работа се состои во периодична анализа на пазарите на овие држави како и работни состаноци со цел привлекување на инвеститори во нашата држава, но и промоција на македонските компании и производи во ЕУ.

Во функција на овие работни задачи во рамки на мојот ангажман организирав посети на поголем број бизнис делегации од земјите на Бенелукс во Северна Македонија, во доменот на енергетиката, заштитата на човековата околина, градежништвото, индустријата и трговијата.

Очекувам овие контакти и соработки да резултираат со конкретни инвестиции во земјата. За сите овие обврски одговарам и известувам пред претседателот на владата на РСМ. Роден сум во Париз, а школувањето го имам довршено во Париз и Скопје со дипломи од прв и втор степен на високо образование.

Течно зборувам француски и англиски јазик, а по враќањето во Македонија продолжив да работам како претставник на успешни бизнис проекти – појасни младиот бизнисмен.

Според Истражувачка репортерска лабораторија, премиерот Заев имал вкупно 63 советници, од кои дел се надворешни соработници, а пак дел се редовни.
За Никола Груевски, минатата година Владата на СДСМ откри дека имал 91 советник за кои за една година потрошил 1,7 милиони евра.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести