Дали Антикорупциска ќе постапи по овоj случај ?

Објавил: Узунов Бобан | 14 март, 2019 9:36

СКАНДАЛ: Што работи антикорупциска ? Ташко Дојчинов-еден човек две функции ?

Фото/Текст извор: ©магазин

Ташко Дојчинов можеби е единствен во Република Македонија кој има две функции и зема две плати од исто место- Буџетот на државата. Тој истовремено е претседател на совет на општина Гевгелија, а на 18 октомври 2018 година со одлука  објавена на Службен весник бр. 191 е избран за член на Државна Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, комисија која ја основа Собранието на Република Македонија и таа функција се извршува професионално.

Изгледа кога Заев изјави  на “Само вистина“ дека платата во Македонија е веќе над 500 евра, изгледа мислел за Ташко Дојчинов ? Платата во Државната Комисија е околу 60.000 денари, а надоместокот за член на совет на општина не е помал од 15.000 денари.

Од законот за основање на оваа Државна Комисија според членот 3 претседателот и членовите на комисијата функцијата ја извршуваат професионално, што значи дека не смее да имаат друг работен однос освен како членови на Комисијата, а во никој случај да имаат политичка функција како претседател на совет на општина бидејќи се работи за акумулација на функции.

Дополнително, во видеото подоле кое е објавено на веб страната на општина Гевгелија, Ташко Дојчинов ја води 23-та седница на општина Гевгелија од 20 февруари 2019 година (среда) во ден кога би требало да ги извршува своите работни обврски и во Државната Комисија. 

Во член 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во ставот 1 утврдено е дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата на неспоивост на функциите. Во ставот 2 од истиот член е утврдено дека функцијата на член на совет (локална власт н.з) и други функции кои ги избира и именува Собранието на Република Македонија (државна власт н.з) се неспоиви една со друга. Антикорупциска само треба да постапи по надлежнстите кои им ги дава законот по кој се основани.

Овие тела кои ги основа Собранието на Република Македонија се регулаторни тела и по правило не смее да ги извршуваат членови на органи на политички партии на што укажуваат и извештаите на Европската Комисија.


Но и во овој случај како и во многу други, се работи за партизација ? Од јавно достапните податоци Ташко Дојчинов освен што има две функции, на државно и локално ниво, во декември 2017 година бил избран за претседател на Општинската организација на СДСМ во Гевгелија за периодот од 2017-2021 година. Кога некој го бива, го бива за се !

 

Прашањето кое го поставува јавоста е што работи Антикорупциската комисија  ? Од податоците за имотната состојба на функционерите видно е дека Ташко Дојчинов поднел два анкетни листови за неговата имотна состојба едниот како член на совет а другиот како член на Државната Комисија, па оттука прашуваме дали Антикорупциска корупција знаела или можела да знае дека лицето Ташко Дојчинов извршува две функции во исто време ?

Антикорупциска комисија би требало да ја испита процедурата на именување како член на државната комисија, дали се исполнети законските услови при именувањето и дали се повредени законските одреди за забрана за вршење на повеќе од две функции ? 

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести