И самиот Заев во гостувањето на телевизијата Вести24 индиректно призна дека законот за амнестија и измените во кривичниот законик се во корелација со проектот за уставни измени

Објавил: Данаил Михајловски | 27 декември, 2018 18:59

Снежана мисли народот пие нафта!?

Фото/Текст извор: ©собрание

Откако СДСМ го предложи законот за амнестија, реакциите во јавноста не стивнаа, а особено се разочарани оние луѓе кои гласале за СДСМ верувајќи дека со тоа гласаат за правда и законитост. Меѓу таквите разочарани може да ги споменеме професорот Калајџиев, професорката Попсимонова, професорот Тупанчевски, Ивор Мицковски, Ирена Ристиќ и многу други кои беа активни во протестите кои Заев ги предводеше против Груевски.

Проф. Попсимонова , прилично разочарана од амнестијата, јавно праша: “Дечки од СДСМ, за што се боревме? За пратенички патни трошоци од по илјада евра месечно? За едни исти луѓе да запоседнат во по неколку управни одбори со паушали од по 200/300 евра? За директорски места по јавни претпријатија наменети за партиски кадри, чија единствена гаранција за компетентност и стручност е партиската книшка?“

Сега кога стана јасно дека главната цел на Законот за амнестија не е помирувањето, туку осигурувањето на гласовите за уставните измени на пратениците Мукоски, Василевски и Љубен Арнаудов, јавноста е уште пораздразнета. Но, Заев и СДСМ се свесни дека тоа не е доволно и дека мораат да најдат начин како да им ги исполнат ветувањата и на пратениците Канческа, Авировиќ, Рамчиловиќ и Емилија Александрова, која е братучеда на Мијалков. Токму за исполнување на пазарот со овие пратеници власта се договорила за измени во Кривичниот законик, и вчера власта си го исполни ветувањето кон Владанка Авировиќ (за пресудата што се однесува на нејзиниот син) и кон Рамчиловиќ (кој ги застапува интересите на фирмите на Сеат Кочан), со измената на членот 275 кој се однесува на кривични дела од злоупотреба на постапката за јавни набавки. Но и тоа не е доволно. Заев веќе ветил дека преку пратениците ќе изгласа измени и на членот 353 (злоупотреба на службена положба) за да им помогне да не добијат пресуди или да добијат условни пресуди во предметите на СЈО токму на Канческа, Мијалков, на Пешевски и други осомничени кои му се битни во процесот за изгласување на уставните измени. Но, под притисок на јавноста дека наместо владеење на правото власта води политички пазар на штета на законитоста, пратениците од СДСМ три пати го поднесуваа и го повлекуваа предлогот за измена на членот 353 од Кривичниот законик.

Седницата на комисијата ја водеше пратеникот Кирацовски, а улогата да глуми дворски шут и се падна на пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ. Во присуство на новинарите и многу други пратеници, кои неофицијално многу отворено си зборуваа за тоа дека “кривичниот“ се менува за да им се удоволи на неколку луѓе, а поврзано со измените во Уставот, пратеничката Калеска Ванчева одржа говор пред камерите со кој се обиде да ја замајува целата јавност. Имено, пратеничката Снежана, мислејќи дека народот пие нафта, се обиде да ги прикрие вистинските мотиви за измените, зеде збор и изјави дека “клучна измена во овој кривичен законик се измените за криминалот од говорот на омраза, за што подолго време се води дебата“. Новинарите што ја следеа комисиската расправа за малку ќе прснеа од смеење. Не за друго, туку што на толку очигледен политички пазар за уставните измени, пратеничката Калеска Ванчева се обидува сите нив и граѓаните да ги третира како недоветни, како незрела публика која демек не може да сфати дека Собранието се повеќе наликува на политички Бит-пазар. Наместо владеење на правото, за жал во Собранието владее политичкото пазарење.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести