Претседателот, Доналд Трамп, ја искористи политичката моќ и нареди декласификација на сите документи и информации поврзани со истрагата за руско мешање во изборите во САД

Објавил: Мирко Бачиќ | 19 септември, 2018 8:15

Трамп нареди објавување на тајните документи од истрагата за Русија

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на министерството за правосудство веднаш да ги декласифицира дополните информации поврзани со истрагата за можното мешање на Русија во американските претседателски избори, соопшти Белата куќа.

Меѓу документите за кои Трамп им наредил на министерството и шефот на разузнавачката служба да ги објават се дополнителни 20 страници од налозите на ФБИ за надзор поврзани со неговиот поранешен советник од кампањата Картер Пејџ.

Американскиот претседател нареди и објавување на разговорите на ФБИ со службеникот на министерството Брус Ор, поврзани со истрагата за Русија, соопшти портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс.

Трамп му нареди на министерството за правосудство да ги објави текстуалните пораки околу истрагата за Русија на поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми, поранешниот заменик директор на агенцијата Андрју Мекејб и други поранешни и сегашни вработени на министерството, меѓу кои и неодамна сменетиот агент на ФБИ Питер Стржок кој испраќал пораки во кои ја потценувал Трамповата претседателска кандидатура.

Демократите тврдат дека Трамп ја политизира истрагата за да ја заштити сопствената администрација.

Портпаролката на ФБИ одби да ја коментира директивата на американскиот претседател, но извор запознаен со процесот откри дека ни агенцијата ни министерството знаат како процесот на декласификација треба да изгледа во овој случај бидејќи Трамповата наредба ги изненадила.

Адам Шиф, демократ од разузнавачкиот одбор на Конгресот, жестоко го критикуваше Трамп.

„Претседателот Трамп во очигледно злоупотребување на моќта одлучи да интервенира во истрага во тек со тоа што нареди селективно објавување на материјалите за кои верува дека можат да помогнат на неговата правна одбрана, и смета дека со тоа ќе протурка лажен наратив“.

Шиф истакна дека ФБИ и министерството за правосудство претходно кажале дека објавувањето на тие материјали го сметаат за црвена линија која не смее да се мине бидејќи ги загрозува изворите и методите на истрагата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести