Според Бароше, предавството на ова ветување ги потхранува националистичките сили и корумпираните мрежи и го ослабува проевропскиот табор, а Европската унија ризикува да го изгуви својот кредибилитет и влијание.

Објавил: Весна Петровска | 23 октомври, 2019 10:24

Угледниот „Ле Поен“ пишува : Кукавичлукот на Франција на Балканот

Фото/Текст извор: ©онлајн магзин

Во уреднички коментар за угледниот француски весник „Ле Поен“, новинарот Лук де Бароше ја нарекува „кукавичлук“ француската блокада на Македонија и Албанија минатата недела во Брисел.

– Во миг кога Соединетите Американски Држави на Доналд Трамп ги предаваат Курдите, Франција го пушта Балкан низ вода. Непосредните последици се помалку драматични, но откажувањето е слично. Под влијание на Париз, Европа предаде дел од себе на штетното влијание на Кина, Русија и Турција. Жално е да се види, како во Сирија, откажување на Западот, пораз на демократијата и на европските вредност, пишува Бароше.

Посочува дека францускиот претседател ставил вето на 18 октомври во Брисел и покрај позитивното гласање на Европскиот Парламент и согласноста на речиси сите земји членки на предлогот на Комисијата да отвори преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Пораката што се испраќа на тој начин до балканските земји е спорна: без разлика дали се реформирате, дали ги прифаќате нашите вредности, Франција не ве сака во Унијата. Точно е дека Албанија е спорен случај. Северна Македонија, пак, е примерен ученик. Таа не престана да се реформира. Влезе во ефикасна борба против корупцијата. Избра проевропска влада. И отиде дотаму да го промени своето име! Преку договор со Атина, која смета дека има право исто колку Скопје на античкото македонско наследство, поранешната југословенска република Македонија отсега се нарекува Северна Македонија. На некој начин тоа е како Германија да ја натера Франција да го смени своето име затоа што Франките биле германско племе. Можеме да замислиме колку ова барање било тешко да се прифати за македонскиот народ. Со тоа што не ја награди оваа реформска храброст, Европа го погази сопствениот збор, се наведува во коментарот.

Според Бароше, предавството на ова ветување ги потхранува националистичките сили и корумпираните мрежи и го ослабува проевропскиот табор, а Европската унија ризикува да го изгуви својот кредибилитет и влијание.

– За да го оправда своето вето, претседателот Макрон се повика на потребата за ЕУ прво да го подобри сопственото функционирање и процесот на пристапување пред да се прошири. Неговите намери се за поздравување, иако во нив можеме да видиме лицемерие од страна на земја која, од отфрлањето на референдумот во 2005, е една од првите што блокира секаков напредок во Европа. ЕУ може и треба да се реформира. Но, тоа не ја спречува истовремено да преговара со Македонија. Спротивставувањето на проширувањето и продлабочувањето е проверен начин да не се стори ни едното, ни другото, потхранувајќи ја и понатаму спиралата на европскиот пораз. Реалноста е дека Франција нема доверба во проширувањето откако ЕУ започна пристапни преговори со Турција во 2005. ЕУ треба да има храброст да ги прекине овие преговори со земја која навлезе во автократија. Но, местото на Балканот е во Европа. А лидерството, за еден претседател на Републиката, се состои исто така во способноста да му го објасни тоа на својот народ, го завршува својот коментар Лук де Бароше.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести