Последната надеж на жителите на општина Аеродром е насочена кон одлуката на Уставниот суд, градоначалникот Марин го повикуваат на оставка затоа што не презел ништо

Објавил: Мирко Бачиќ | 31 октомври, 2018 10:50

Уставен денес ќе го оценува планот за градба до „Мајчин дом“

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Уставниот суд денес ќе ја оценува законитоста на планот во Аеродром со кој е предвидена деветкатницата пред „Мајчин дом“.

Одлуката за донесување на деталниот урбанистички план за градска четврт И 10 во општина Аеродром, плански период 2016 – 2021 година е осма точка на дневниот ред за седницата на Уставниот суд.

Планот беше донесен во април 2017 година со бројни забелешки од жителите.

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, во неколку наврати досега посочи дека единствено Уставниот суд може трајно да ја сопре изградбата на деветкатницата пред „Мајчин дом“ со оценување на законитоста на планот и негово поништување.

Градоначалникот Марин му замери на Уставниот суд, кој со месеци не расправал по претставката од Аеродром за планот И 10.

Градежните активности за деветкатницата се сопрени. Општина Аеродром ги сопре на две недели поради недостатоци во градилиштето кои инвеститорот рече дека се отстранети, но, сепак, и по истекот на забраната, не продолжи со градење и најави нова средба со граѓаните.

Инвеститорот Фатмир Етеми изјави дека не се надева на обесштетување со пари оти касата на Општина Аеродром е празна, нова локација како замена за онаа пред „Мајчин дом“ не успеале да најдат па затоа вели дека ќе продолжи со градење.

Официјалниот став на Општина Аеродром е дека преговорите за обесштетување на сопственикот на парцелата за деветкатницата се уште се во тек,; а сумата би можела да достигне 11 милиони евра.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.