Традиционално за СДСМ, Фрчковски ги напаѓа сите кои не ги споделуваат неговите ставови, без разлика што од него направиме "голем" политичар за каков што се смета самиот

Објавил: Мирко Бачиќ | 14 септември, 2018 7:06

Фрчкоски: “Црвенковски пак излезе со “млитав” став”

Фото/Текст извор: ©тв21.тв/магазин.мк

Љубомир Данаилов Фрчковски во гостувањето во емисијата “Click Plus” го искритикува своевремено својот соработник Бранко Црвенковски дека дал премногу неубедлив став за референдумот на 30 септември

Фрчкоски истакна дека Црвенковски не и дал доволна поддршка на актуелната владеачка номенклатура на СДСМ во промовирањето на Спогодбата од Преспа во позитивен контекст и борбата за интегрирање во ЕУ и НАТО.

“Добро е што Бранко Црвенковски го поддржал референдумот и се изјазнал дека ќе гласа „ЗА“. Мене не ми се допаѓа тонот на пораката која во себе содржи ароганција и дистанца кон оваа политичка елита од неговата партија бидејќи таа тоа не го заслужува. Бранко Црвенковски во основа никогаш не се бавел со прашањето на спорот за името. Единствено се занимавал со ова прашање на самитот во Букурешт, кога заедно со Груевски се согласија за “Република Македонија (Скопје)”, но тоа не помина”, рече Фрчкоски во синоќешното издание на Click Plus на тв21.тв.

Поранешниот министер во владата на СДСМ која ја предводеше Црвенковски анализира дека нема да има големи и драматични административни, правни и политички последици при имплементирањето на преспанскиот договор во периодот што ќе следува.

“Последиците се несомнено добри за нас. Ние нема да имаме никакви големи драматични последици, иако сега во изјавите се обидуваат да бидат умерени или дека ќе биде тешко. Уствари нема да биде ништо тешко. Ќе има промена кај државните институции кои се поврзуваат со финансирањето од буџетот и го користат името. По договорот тие ќе го користат новото име, со кое на никој начин не го навредува нашиот идентитет”, изјави Фрчковски.

Црвенковски во средата преку писмо истакна дека ќе гласа на референдумот на 30 септември, но не поради Владата и самиот договор, туку затоа што земјата ќе остане нестабилна и нема да бележи развој ако остане надвор од ЕУ и НАТО.

*Љубомир Данаилов Фрчкоски е македонски политичар и универзитетски професор по меѓународно право, меѓународни односи и современа политика.

Во периодот од 1991 до 1997 година бил министер во владата на Бранко Црвенковски. Прво како министер без ресор, па како министер за внатрешни работи од 1992 до 1996 година по што е назначен за министер за надворешни работи од 1996 до 1997 година.

Од 2000 до 2001 година Фрчкоски е именуван на функцијата извршен директор на Фондацијата за стратегиски истражувања “Киро Глигоров”. Куриозитет е што за време на атентатот на поранешниот претседател Глигоров токму Фрчкоски бил министер на полицијата а во своите мемоари Глигоров го именува како посредник во име на Грција која му нудела мито за промена на името.

Во својата кариера Фрчкоски бил и советник на претседателот на Македонија Борис Трајковски за уставни прашања и прашања од областа на човековите права во 2000 година а бил и кандидат на СДСМ за Претседател на Република Македонија за изборите одржани на 22 март 2009 година на кои изгубил од актуелниот претседател Ѓорге Иванов.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.