По неизвесниот ЦК на ВМРО - ДПМНЕ, со поддршка кон Мицкоски пратениците Милошоски, Велјаноски и Ѓорчев, Димовски традиционално резервиран, Мијалков се правда

Објавил: Мартин Попоски | 22 октомври, 2018 15:26

ЦК на ВМРО – ДПМНЕ, поддршка за Мицкоски и збогум за Мијалков?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Од обвинувања за изолација на партијата и избрзани одлуки на раководството со исклучувањето на пратениците, до поддршка за лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Пратениците од најголемата опозициска партија се со спротивставени мислења пред вечерашниот состанок на Централниот комитет на партијата.

Пратеникот Илија Димовски преку отворено писмо порача дека тој нема да учествтува во како што вели фингирани битки и пресметки во ВМРО – ДПМНЕ.

Прво и неодложно мора да се направи темелна, а не козметичка реформа на партискиот Статут, со целосна демократизација на процесот на носење на политички одлуки, но и целосна демократизација на процесот на избор на партиските тела и органи почнувајќи од местните комитети па се до највисоките органи. Второ и суштинско е да се напушти принципот дека партијата мора да се води по правилото за градење на култ на личност. Трето, ВМРО – ДПМНЕ има обврска да направи дисконтинуитет со грешките од минатото. И четврто, партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние кои до сега го има. –  пишува Димовски.

Од друга страна, пак пратеникот Антонијо Милошоски, а по него и пратениците Трајко Велјаноски и Влатко Ѓорчев се огласија со поддршка за лидерот Христијан Мицкоски.

Драматичните случувања во Собранието и нелегалниот чин против Уставот, барем дадоја појасна слика за тоа кој се залага да се испочитува вољата на народот од кој сме избрани, а на кого му се побитни заткулисните договори. Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, сепак покажа дека му е побитна демократската доверба која гласачите им ја дале на пратениците, и волјата на членството и симпатизерите. -напиша Милошоски.

Поделеноста не само на пратеничката група туку и во партијата, која стана се поизразена по гласањето за уставните измени, според неофицијални информации се интензивира се повеќе, а во јавноста веќе кружат две сценарија.

Според првото, партијата размислува да го исклучи од членство Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, за кој се шпекулира дека влијаел врз седуммината пратеници од партијата да гласаат „за“ уставните измени, со цел да издејствува амнестија за себе.

Второто сценарио, за кое се зборува, е дека членството ќе бара оставка од претседателот Мицкоски, бидејќи не успеал да ги тргне настрана криминалните структури во партијата.

Овие сценарија дополнително се засилија откако претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија, Игор Александров на социјалните мрежи напиша дека крилото на Мијалков подготвува смена на Мицкоски и порача сите кои се против Преспанскиот договор да изразат солидарност и поддршка со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Меѓу првите кои одговорија на овој повик беа пратениците Антонијо Милошоски, Трајко Велјаноски и Влатко Ѓорчев.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.