Чифлиганец демантира дека барал дуќан за обвинителката Лиле Стефанова

Објавил: Узунов Бобан | 9 август, 2019 13:26

Чифлиганец демантира дека барал дуќан за обвинителката Стефанова, таа тврди дека Чифлиганец сакал да добие информации

Фото/Текст извор: ©магазин

Проф. д-р Ванчо Чифлиганец испрати рекација во врска со новите објавени снимки од разговори, кои денес ги пренесуваат македонските медиуми.

Би сакал одговорно да ѝ соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката, се нема случено, бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Беспредметно е, дури и попатно споменување на моето име“, наведува Чифлиганец.

Стефанова: Чифлиганец се обидуваше да добие информации за неговите пријатели Цветан Панделески и Јордан Камчев

Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели”, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа во предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести