Заврши расправата за првостепената пресуда за случајот "Тенк", Груевски и Поповски одлуката ќе ја добијат по пошта за пет дена

Објавил: Мирко Бачиќ | 5 септември, 2018 14:33

Ѓоко Попоски: Не можат по коњот, удрија по самарот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во Апелациоскиот суд по долго одлагање, конечно заврши расправата за првостепената пресуда за случајот „Тенк“.

Последен зборуваше обвинетиот Ѓоко Попоски, кого судијката Добрила Кацарска во мај годинава го осуди на шест години затвор, поради злоупотреби на службената должност при набавката на луксузниот Мерцедес во МВР.

Поранешниот заменик министер рече дека не е криминалец и оти не ја злоупотребул ниту пак знае што значи да се злоупотреби службената должност.

Јас само знам да одам на работа од 08:30 и 16:30 часот и чесно да работам. Но, во оваа наша чудесна земја се е можно. Ќе се послужам со една стара поговорка „Не можат по коњот, па удрија по самарот“ – рече Попоски.

Тој тврдеше дека не учествувал во подготовката на тендерот, ниту во подготовка на спецификациите со кои што му се дава фаворитска улога на еден оператор.

Претходно, и неговиот адвокат Стерјо Зиков ја обжалуваше првостепената пресуда. Во судот се читаа и жалбите на адвокатите и на обвинетиот Никола Груевски, кои како што најавија вчера не се појавија во судницата.

Обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски бараше сите жалби на одбраната да бидат отфрлени како неосновани.

Апелацискиот суд писмено ќе ги извести двете странки за одлуката, според Бубевски во следните пет до шест дена.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести