Индикативно е што скоро сите ги знаат деталите од законот, но витални партии од т.н. парламентарно мнозинство не виделе ни буква од нацрт законот за селективна амнестија

Објавил: Мирко Бачиќ | 17 декември, 2018 8:00

Ќе се амнестираат педесетина осомничени, дваесет ќе одат во затвор

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Законот за амнестија би можел да опфати 50-тина од вкупно 70 обвинети за немилите настани во Собранието, брифираат од Координативното тело за помирување.

Со набројување на членови од Кривичниот законик, ќе бидат опфатени делата насилство, учество во толпа како и најкритичното, она што сега се води како терористичко загрозување на уставниот поредок, а треба да се преобрази во здружување заради непријателска дејност.

За ова дело ќе одговараат 7 до 8 лица од оние 33 за кои судскиот процес е во тек.

Амнестијата нема да ги опфати оние што непосредно вршеле насилство, обид за убиство, ги организирале или командувале упадот во Собранието и нападот на пратениците.

Откако Законот ќе биде изгласан, секој обвинет ќе има рок од пет дена самиот да поднесе барање за амнестија до Судот или до Обвинителството, кои ќе ја одмеруваат нивната вина и ќе донесат одлука.

Предлог законот веројатно ќе се најде пред пратениците уште нареднава недела. Деновиве, драфт верзијата се разгледува во пратеничките групи. Но во ЛДП велат дека не ја виделе и дека нема да поддржат ваква амнестија.

И евроамбасадорот Самуел Жбогар не сака да дава коментари за законска верзија што се уште не е официјална.

Веднаш по изјавата, амбасадорот Жбогар ги облече лизгалките и им се придружи на младите лизгачки, кои ја збогатуваа забавната програма на Скопскиот плоштад.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.