Специјалниот советник на претседателот на САД, Рон Џонсон, по посетата на Грција и Македонија, каде "се е по план", во посета на Белград да го реши косовското прашање

Објавил: Мирко Бачиќ | 11 септември, 2018 10:48

Џонсон: Србија и Косово да земат пример од Македонија и Грција

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Американскиот сенатор Рон Џонсон на крајот на својата балканска турнеја, ги повика Косово и Србија при решавањето на долготрајниот спор, да се огледаат на Македонија и Грција.

Грција и Македонија имаат реална шанса да го решат спорот сврзан со промената на името на земјата, кој постои веќе 27 години. Сметам дека двете земји имаат многу смели премиери коишто согледуваат што е во интерес на народите. Сметам дека тој пример може да им користи на Србија и Косово, коишто, според мене, водат сериозни преговори за да го решат долгогодишниот меѓусебен спор рече Џонсон во интервју за Радио Слободна Европа во Белград, каде отпатува по посетите на Грција, Македонија и Косово.

Прашан какви се неговите очекувања од рефендумот во Македонија, Џонсон вели дека бил охрабрен при разговорот со премиерот Зоран Заев, како и со претставниците на опозициските партии во Собранието.

Има уверување дека референдумот „ќе помине“, се надеваме дека нема да има бојкот и дека на гласачките места ќе излезат голем број гласачи. Тоа би било одлично – вели Џонсон.

Републиканскиот сенатор близок до претседателот на САД, Доналд Трамп, порачува дека грчко-македонскиот спор е проблем што трае долго и за којшто не постои лесно решение, но ја пофалува политичката храброст на двајцата премиери за постигнување договор за нешто за што знаат дека нема да биде широко прифатено ниту од граѓаните на Грција, ниту од граѓаните на Македонија.

Навистина имам впечаток дека некогаш, ако оваа спогодба биде ратификувана, народите на Грција и Македонија ќе сфатат дека тој бил вистинската работа – нагласи републиканскиот сенатор.

Зборувајќи за Косово, Џонсон порача дека „решението мора да дојде од страните во спорот“ и дека САД се тука само да поттикнат и да поддржат решение.

Сакаме на водачите на двете страни да им дадеме простор да бидат флексибилни и креативни, да најдат решение за овој исклучително тежок проблем – рече сенаторот во интервјуто за „Радио Слободна Европа“.

Претседавачот на Комисијата за внатрешна безбедност во Сенатот на САД се осврна и на руското влијание во регионот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.