Денеска манастирот го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

Објавил: Катерина Крстиќ | 11 септември, 2020 10:14

Бигорскиот манастир денеска одбележува 1.000 години од создавањето!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Бигорски манастир Свети Јован Крстител (или Свештена Бигорска Обител) — манастир кој се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина населата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште, по течението на рекатаРадика во западна Македонија.

Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Денеска манастирот го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован, а воедно одблежува јубилеј од 1000 години од основањето.

Со почеток во 7:00 часот верниците ја проследиа утрената богослужба според пропишаните мерки за заштита од Ковид 19. Во 8:45 часот започна пречекот на надлежниот митрополит дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј и на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Светата архиерејска Златоустова литургија започна во 9:00 часот.

– Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите претци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!, стои во поканата од бигорската обител.

Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.