Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.

Објавил: admin@magazin | 8 ноември, 2020 0:09

ДЕНЕСКА Е ГОЛЕМ ПРАЗНИК: За многу години Митровден МАКЕДОНЦИ!

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Митровден е христијански празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитрија Солунски, кој се празнува на 8 ноември. Празникот се слави на целиот Балкански Полуостров. Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време (зимата). Така, на Митровден се најмувале полјаци, протуѓери, кметови итн, кои служеле до Ѓурѓовден.

Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди.

Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет.

На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер.

Народни обичаи

Народниот обичај наложувал денес да се остане дома. Се верувало дека оној којшто денес нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови.

Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата.

Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи сè до април.

Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.