Пресек

Објавил: Калина Мартинска | 24 април, 2024 12:54

Излезеност до 11 часот: 12,78 отсто или 229 417 гласачи

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Според податоците на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија излезеноста на избирачките места на првиот круг од претседателските избори до 11 часот е 12,78 отсто или гласале 229 417 гласачи.

Овие проценти и бројки, според податоците на ДИК, се врз основа на обработени 3 416 избирачки места од вкупно 3 508 во општини.

Министерот Тошковски вели засега е мирно

Безбедносната состојба е стабилна. Нема никакви нарушувања во изборниот процес. Немаме забележано никакви посериозни нарушувања во изборниот процес, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој по гласањето во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар одговарајќи на новинарско прашање за екипираност на МВР, нагласи дека квалитативно и квантитативно бројките се како што треба.

– Покриени се сите сектори за внатрешни работи од аспект на технички и човечки ресурси. Министерството за внатрешни работи постапува согласно планот и оперативната акција, која како таква е утврдена во рамки на Оперативниот штаб. Се си тече како што треба, подвлече Тошковски. Изрази надеж дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.

Мисијата на ОДИХР има повеќе од 200 набљудувачи на изборите, првичните резултати ќе ги презентира утре

По посета на две избирачки места претпладнево, претставничката на меѓународната мисијата за набљудување на изборите ОДИХР, оцени дека почетокот е добар, но целосна проценка за тоа како се одвива изборниот процес ќе имаат откако на крајот на денот ќе ги соберат податоците од гласачки места низ целата држава.

„Досега посетив само две избирачки места и од утрово таму сè се одвиваше непречено. Но, ова се само две од многуте избирачки места, така што навистина не можеме да извлечеме заклучоци до крајот на денот“, изјави Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР во земјава.

Соопшти дека денеска имаат повеќе од 200 набљудувачи распоредени низ сите региони во државава, како и долгорочни набљудувачи кои се тука од отворањето на мисијата, на крајот на март. Посочи дека ги набљудуваат изборите оценувајќи ги според меѓународните обврски и домашното законодавство.

„Колективно го оценуваме целиот изборен процес, од законодавната рамка до самото спроведување на изборите, вклучувајќи го и финансирањето на кампањата и, секако, улогата на медиумите. Утре ќе ги презентираме нашите првични резултати, ќе одржиме прес-конференција, сите сте добредојдени да ни се придружите таму и ќе има можност за новинарски прашања по кратката изјава што ќе ја дадам јас како и нашите партнери од Советот на Европа“, рече Стирк.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.