Косовскиот претседател ја искористи можноста за самопромоција за инциденти кои се случиле за време на косовската криза во периодот 1998 - 1999 година

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 август, 2018 13:39

Тачи им вети на мајките од Ѓаковица дека злосторниците никогаш нема да се вратат во Косово

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Косовскиот претседател Хашим Тачи им изрази поддршка на мајките од Ѓаковица во нивните барања за правда за убиените во војната од 1998-99, порачувајќи им дека „тоа што го доживеаја косовските граѓани нема да биде заборавено“ и дека сторителите на злосторства никогаш нема да се вратат во Косово.

Во одговорот на отвореното писмо на Здружението на мајките од Ѓаковица, кои побараа од него да ги спречи српските верници да дојдат на чествување на Голема Богородица во тамошниот манастир, Тачи напиша на Фејсбук дека сочувствува со болката на мајките кои ги загубија своите најмили.

– Ги уверувам нив и сите косовски мајки, како и сите граѓани на Косово, дека злосторниците и убијците кои извршија злосторства, никогаш не ќе можат да се вратат во нашата земја. Каде и да се, тие нема да бидат мирни, се додека не поднесат сметка пред правдата. Ние никогаш нема да заборавиме што сме доживеале, напиша Тачи.

Косовскиот претседател во истата порака побара од сонародниците да бидат толерантни и да имаат разбирање, но додаде и дека ќе ги разбере доколку постапат поинаку.

– Со најголема почит Ве повикувам на толеранција и разбирање. Но, и доколку постапите поинаку еднакво ве разбирам и почитувам. Мајката е мајка секаде во светот, независно од етничката или верската припадност. Таа им потреба да пушти солзи и да положи цвеќе на гробот на својот син, ќерка, сопруг, сестра, внук или внука. Истото право го има и еден татко, брат или сестра, напиша Тачи.

Претходно, во одговор на отворено писмо на срската хуманистка Наташа Кандиќ, косовскиот претседател порача дека ќе стори се за да им се овозможи на Србите да го посетат манастирот во Ѓаковица.

Во Ѓаковица денеска, под силно полициско обезбедување, се одржува протест против доаѓањето на иселените Срби на чествување на празникот Успение на Пресвета Богородица во локалниот манастир.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.