Професор кој наводно е дел до тимот кој ја изработил Студијата за влијание врз животната средина, која Шилегов ја приложил за да сече на Водно, изјави дека прв пат слуша за неа

Објавил: Мирко Бачиќ | 29 октомври, 2018 12:35

Шилегов со фалсификат студија го “кастри” Водно?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Владата, министерот Сугарески, МЕР и град Скопје, решени по секоја цена гасоводот да минува по должината на скопско Водно, изоставиле низа законски дозволи, со што направиле правен хаос.

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ бара итно прекинување на активностите за изградба на гасоводот низ Водно заради, како што велат, загрозувањето на животот на работниците на терен и игнорирањето на мерките за заштита од ерозија.

Се работи на исклучително тежок терен со наклони од 63 отсто во должина од 107 метри, од 71 отсто во должина од 163 метри. Работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот. Треба да го ризикуваат својот живот за да продолжи изградбата на гасоводот низ Водно по секоја цена. – велат од „Го сакам Водно“.

Нагласуваат дека не се применуваат мерките за заштита од ерозија кои се потребни на сите наклони поголеми од 20 отсто во парк шумата Водно иако, како што посочуваат препорачано е да се имплементираат низ целата делница.

Мерките не се применуваат зошто не е завршена постапката за јавна набавка за избор на фирма која ќе ги спроведе. – порачуваат од Граѓанската иницијатива и додаваат дека Планот за заштита од ерозија по нивно барање пред еден месец е доставен до МЕР и до Министерството за транспорт и врски.

За нив е симптоматично и обновувањето на решението за сеча од градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, а велат дека е можен фалсификат и Студијата за влијание врз животната средина, бидејќи еден од професорите потпишан како соработник сам јавно истакнал дека првпат слуша за изработка на таков проект.

Како посебен проблем го истакнуваат немањето дозвола или мислење од Министерството за одбрана за градба на гасоводот во непосредна близина на бункерот во кој е сместена главната противвоздушна одбрана на Скопје.

Посочуваат дека не се донесени и законите за Водно и Матка кои се внесени во владините заклучоци од 22 август годинава.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.