ВМРО-ДПМНЕ: Со договорот со Грција директно се задира во идентитетот и јазикот

Објавил: admin@magazin | 30 јуни, 2018 11:15

“Заев го понижува и лаже целиот македонски народ”

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Заев и Димитров потпишаа договор со Грција кој е штетен и капитулантски.

-Заев ги излажа граѓаните дека Република Македонија ништо не губи со овој договор. Со овој договор директно се задира во идентитетот и јазикот, директно се менува Уставот и секаде ние ќе бидеме Северна Македонија. Со потпишувањето на овој крајно штетен договор се откажавме како држава од привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Грција, од 13 септември 1995 година, со која Грција се обврза да не го блокира нашето пристапување кон меѓународните организации под привремената референца, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Во соопштението на опозициската партија се вели дека исто така се откажавме и од позитивната пресуда на меѓународниот суд во Хаг од 2011 година, каде се нотира дека Македонија е во право, а Грција не е, и истовремено и се наложува на Грција дека не смее Македонија да се блокира за понатамошно членство во ЕУ и НАТО.

-Заев врши секојдневна пропаганда врз граѓаните на Република Македонија дека нема да има промена на кодовите. Овој договор за промена на името кој што го потпишаа Заев и Димитров предвидува кодовите да се сменат и наместо МК и МКД ќе биде НМ и НМК. И со ваквата капитулација на Зоран Заев, Македонија не ги почна преговорите за членство со Европската Унија. Добивме само надеж дека ќе ги започнеме во 2019-та година ако се исполнат реформите за кои оваа безидејна и неспособна власт цела година не лажеше дека ги спроведува, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека вакви дополнителни услови им се доделуваат на земји за кои ЕУ не е сигурна дека го заслужуваат местото во унијата.

-Заев ја запечатува судбината на државата и го менува името за кое генерации и генерации се бореле и го дале својот живот за идејата за своја држава. Заев на овој начин го понижува целиот македонски народ . Ова понижување не смее да продолжи. Зоран Заев и СДСМ мора час поскоро да си заминат од македонската политичка сцена. Република Македонија мора да тргне напред, велат од опозициската партија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.