Вечерва од Кривичниот суд соопштија дека денеска пред судија на претходна постапка во Основниот суд 1 во Скопје, беа спроведени три лица.

Објавил: Рејхан Бајрами | 14 март, 2019 21:55

Тони Јакимовски десната рака на Мијалков, од вечерва се наоѓа зад решетки во Шутка !

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин

Судот вечерва му одреди 30 дневен притвор на Тони Јакимовски, кој беше поранешен шеф на кабинет на екс директорот на тајната полиција Сашо Мијалков.

Вечерва од Кривичниот суд соопштија дека денеска пред судија на претходна постапка во Основниот суд 1 во Скопје, беа спроведени три лица.

Притвор од 30 дена доби и Стево Маџовски, а на Кристина Јосифовска и е определена мерка на претпазливост. Сите три лица кои беа вработени во УБК, се обвинуваат за злоупотреба на службената положба од 2007 до 2017 година.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска издаде наредба за спроведување против овие лица, дека како вработени во УБК ја злоупотребиле својата службена положба и го оштетиле буџетот за 50.670.000 денари.

Четири лица вработени во УБК, меѓу кои и Тони Јакимовски кој е поранешен началник на Прва управа на УБК, се уапсени од полицијата во истрага на обвинителството за организиран криминал и корупција и одделот на МВР за организиран криминал.

-Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство заради основано сомнение дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска беа спроведени три лица.

По произнесување на лицата во однос на предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на Т.Ј. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, на С.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП и за К.Ј го прифати предлогот и определи мерки на претпазливост и тоа Одземање на патната исправа, Обврска за јавување во суд, Забрана за напуштање на живеалиштето и Забрана за вршење определени работни активности поврзани со кривичното дело, соопштија вечерва од Кривичниот суд.

Тони Јакимовски е обвинет и за случајот на СЈО „Таргет-Тврдина“ за нелегално прислушување, а се товари и за проневера на голема сума пари. Јакимовски е осомничен и за уништување на опремата од нелегалното прислушување, во вредност  од 10 милиони евра.

Горан Грујовски е прво осомничен за случајов, кој беше началник на Петтата управа на МВР, а кого министерот Митко Чавков го разреши на 20 јули, а додека пак  второ осомничен е Јакимовски, а трето осомничена е ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Тони Јакимовски е еден од луѓето на Сашо Мијалков кои во УБК се префрлија во 2006-та, а потекнуваат од армијата и од воената безбедносна служба. Девет години бил десна рака на Мијалков како шеф на одделот за координација на УБК.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.