Несогласувања помеѓу синдикатот и министерството за одбрана ?

Објавил: Узунов Бобан | 25 мај, 2019 8:50

Синдикатот за одбрана против Шеќеринска: Само дилетантски умови може да сметаат дека армиските касарни може да ги обезбедуваат приватни агенции !

Фото/Текст извор: ©магазин

Синдикатот на одбраната и безбедноста остро се спротивставува на идејата на министерството за одбрана предводено од Радмила Шекеринска касарните да бидат обезбедувани од приватни агенции наместо од самите војници.

Претседателот на СОБ Ристо Ајтов вели дека сите дојденци во МО кои не се разбираат од безбедноста веднаш да ги напуштат позициите и на нивно место да дојдат професионалци. Во Министерството за одбрана се размислувало да се формира и Државна компанија за обезбедување која ќе биде составена од поранешни припадници на АРМ со навршени 45 години.

Дел од експертите за безбедност меѓу кои и професори од Факултетот за безбедност од Скопје на јавни настапи тврдат дека на професионалните војници не треба да им биде оставена обврската да чуваат стража туку да бидат на обуки и да вршат други оперативни задачи. Исто така наводно според нив препорака на НАТО е да се ангажираат приватни агенции за обезбедување на државни објекти од одбраната.

Синдикалецот Ајтов воопшто не се согласува со ваквите тврдења бидејќи на тој начин ќе се овозможат безбедносни пропусти бидејќи приватните агенции не ги исполнуваат стандардите на обезбедување на воени објекти.

“Армијата на Република Македонија, е институција која секогаш уживала најголема доверба кај граѓаните на Република Македонија. И покрај лошите услови за работа и ниските плати, вработените во АРМ се вистински професионалци, врвно обучени, целосно изградени и секогаш демонстрирале врвна подготвеност во исполнувањето на своите задачи за потполна безбедност на граѓаните на Република Македонија. За разлика од нив, агенциите за обезбедување не се ниту блиску до стандардите за обезбедување на воени објекти, што само по себе укажува дека се можни најразлични злоупотреби па дури и безбедносни пропусти, кои можат многу скапо да ја чинат Република Македонија. Во прв ред се поставува прашањето за интегритетот на агенциите за обезбедување, за нивниот професионализам, обученоста, (не)задоволување на критериумите за безбедносна проверка на вработените, законската пречка за поседување и ракувањето со автоматско оружје, безбедноста на магацините со опрема, оружје и експлозиви, можноста за диверзија на безбедносните сили како и многу други сегменти меѓу кои и политички мотивираните. На крај би сакал да потенцирам дека само дилетантски умови можат да имаат позитивен пристап кон ова ступидно размислување, посебно што не постои ниту една земја во светот чија што армија е обезбедувана од агенции за обезбедување. Во ниту една земја членка на НАТО, касарните, магацините и останатите воени објекти не се обезбедувани од агенции за обезбедување” тврди Ајтов.

Засега нема конкретни бројки колку државата ќе ја чини формирање на нова компанија за обезбедување и/или ангажирање на приватна агенција за обезбедување на министерството, касарните и останатите воени објекти од државно значење, ниту пак какви стандарди ќе траба да обезбеди агенцијата, со какво вооружување ќе располага и кој ќе им врши надзор како го користат истото.

Од Министерството за одбрана велат дека се прават анализи за решавање на ова прашање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести