Го дочекавме денот, Македонија конечно живееше за репрезентативен фудбал. Главниот град веќе неколу дена „фудбалски дишеше“, а во кафулињата се говореше за Елиф Елмаз, Енис Барди, Горан Пандев и останатите македонски фудбалери. Но, фудбалската атмосфера пред и за време на натпреварот, главните актери не успеаја да ја зачинат со победа, ниту пак со претерано квалитетна претстава. Премногу го респектиравме противникот, кој рака на срце не е калибар на Шпанија, ниту пак на Франција. Фалеше и енергија, не покажавме ниту карактер, откако десет минути по примениот гол, речиси и да не се составивме со топката.
ДЕФАНЗИВАТА БЕШЕ НА НИВО, МУСЛИУ ГО СТАВИ „ВО ЏЕБ“ ЛЕВАНДОВСКИ
„Рисовите“ одлично ги започнаа квалификациите со победа и реми, па со „победничка песна“ го дочекаа фаворитот во групата Полска. Но, на теренот сликата беше малку поинаква, од изјавите на селекторот Игор Ангеловски дека Македонија сака три бода од овој натпревар. Факт е дека Полјаците можеби не заслужија да победат, но дали „црвено-жолтите“ заслужија нешто повеќе од овој исход, кога ќе погледнеме дека единствена посериозна шанса беше ударот на Езгјан Алиоски над голот во вториот дел, откако претходно Лукас Фабијански бравурозно му одбрани на Илија Несторовски. Впрочем ако некој се издвои кај нас, тоа беше дефанзивната тројка, на чело со Висар Муслиу кој го стави „во џеб“ Роберт Левандовски, а одлична партија имаа и Егзон Бејтулаи, како и Дарко Велковски.
НЕСТОР ВРЕМЕ Е ДА СЕДНЕ НА КЛУПА
Нападот предводен од Илија Несторовски беше бледото лице на нашиот национален тим. Тому фудбалерот родум од Прилеп беше еден од најслабите поединци во нашиот состав, па се поставува прашањето, дали конечно Ангеловски ќе собере храброст да го седне фудбалерот на Палермо, на клупата за резерви. Исто така, малку е нејасно изоставувањето на Аријан Адеми од почетниот состав, играч кој ќе донесеше смиреност, но и дисциплина на теренот. Ангеловски ќе мора да почне да анализира колку оваа 3-5-2 формација е корисна за нашите фудбалери, бидејки на пример, Езгјан Алисоки наместо да биде во целосен елемент во нападот, со неговото трошење во дефанзивата, остава блед впечаток во офанзивниот дел од нашата игра.
ПРОТИВ АВСТРИЈА – ДА ОДИГРАМЕ НА РЕЗУЛТАТ
Време за тагување и претерано анализирање нема, Австрија не очекува веќе утре . Меч на кој мора да влеземе похрабро и без респект за противникот. Ангеловски мора да покаже карактер и да го освежи тимот, а Македонија доколу сака ЕП преку овие квалификации ќе треба да го освои целиот плен. Време е Ангеловски и стручниот штаб да размислуваат на конечниот исход, а не да се „расфрлаат“ со изјави околу добрата игра на нашиот национален тим. Во фудбалот се памти само резултатот и бројот на освоени бодови.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.