Заев ќе ги смени личните карти по барање на БЕСА, а нејзините двајца пратеници ќе гласаат за Законот за јавно обвинителство

Објавил: Данаил Михајловски | 13 февруари, 2020 17:42

БЕСА ќе гласа за законот за обвинителство, постигнат е договор со Заев!

Фото/Текст извор: ©магазин

Собранието веќе требаше да ја почне седницата за владиниот Закон за обвинителството во 15ч, но истата сеуште се одлага. Причина за тоа била долгата средба на Заев и Билал Касами, претседателот на БЕСА, кои веќе се договориле законот за обвинителство да биде поддржан од пратениците на БЕСА, но само под услов Заев и пратениците на СДСМ претходно да го изгласаат предлогот на БЕСА за нов Закон за личните документи, со кој ќе се овозможи вметнувањето на етничка припадност Албанец во личните карти. Според извори од собранието, блиски до БЕСА, Заев се согласил во текот на утрешниот ден да по итна постапка прво да се изгласа нов закон за личните документи, а потоа на гласање да се стави владиниот Закон за обвинителство, за кој ќе гласааат двајцата пратеници од БЕСА, Теута Биљали и Фадил Зендели, со што Заев, заедно со независната пратеничка група на Нола Исмајлоска, Крсто Мукоски и другите пратеници, ќе стигне до потребните 80 пратеници.

Извори блиски до БЕСА нагласуваат дека договорот за воспоставување на графа за етничката припадност “Албанец“ во личните карти бил постигнат на денот кога Парламентот ги усвои уставните измени во согласност со Преспанскиот договор, и кога пратениците на БЕСА гласаа за смената на уставното име. Но, дека досега во БЕСА владеело незадоволство што поранешниот премиер Заев, после уставните измени, заборавил на своите ветувања и го одолговлекувал предлог Законот за личните карти. Според предлогот на БЕСА, во личната карта на албанците, кај графата државјанство ќе пишува

Националност/ Kombësia: Албанец/ Shqipëtar     

Државјанство: Република Северна Македонија/ Republika e Maqedonisë së Veriut

Со воспоставувањето на графата на етничка припадност во личната карта, Македонија ќе стане првата земја во регионот која ја утврдува етничката припадност во личните документи. Според праксата во Советот на Европа, етничката припадност, мајчиниот јазик, расата, како и верската припадност е лично, приватно и дискреционо право кое не би требало задолжително да биде експонирано како составен дел од јавните документи, бидејќи не треба и не мора секое официјално лице или државен службеник (полицаец, цариник, инспектор, лекар итн.) да ја знае националната и/или верската припадност на лицето со кое има службен контакт, а во врска со било кои права, надлежности и услуги кои му следуваат на граѓанинот. Оваа пракса е прифатена и применета и во Германија, Австрија, Бугарија, Франција, Албанија, Хрватска, Словенија и мнозинството држави. а се со цел да се заштити граѓанинот од било какви непријатности или стереотипи при контактот со државните службеници или јавни лица кои имаат некаква власт и надлежност.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.