Крилото на Радмила Шеќеринска силно лобира за што поголема доминација во владата, но сепак и контра-блокот е влијателен!

Објавил: Данаил Михајловски | 8 јануари, 2019 11:03

ДОЗНАВАМЕ: Кој ќе биде премиер доколку Заев оди за претседател?!

Фото/Текст извор: ©магазин

Доколку Заев се одлучи лично тој да биде договорениот меѓупартиски кандидат на ДУИ и СДСМ за претседателските избори, тогаш ќе се отвори прашањето кој да седне на премиерската фотеља. Заинтересирани се и Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска, но засега најголеми шанси за наследник на Заев има вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Како наближуваат претседателските избори, така стануваат повидливи таборите во власта. Првиот и највлијателен табор е оној на премиерот Заев, во кого силно влијание имаат министрите за внатрешни, Спасовски, за земјоделие, Љупчо Николовски, за транспорт, Сугаревски и генералниот секретар на СДСМ Кирацовски. Овој табор има свој фаворит за кандидат за претседателските избори, а тоа е Оливер Спасовски. Токму затоа во последно време го гледаме Спасовски како отвара градинки, доделува спортски награди и се слика со владици.

Министерот за внатрешни работи е најблизок соработник на премиерот Заев, а сега и негов фаворит за претседателски кандидат. Но, Ахмети не е согласен за вакво меѓупартиско решение. Истовремено, ривалскиот табор на Шеќеринска се обидува преку своите медиумски инсталации дискретно да го деградира угледот на министерот Спасовски во јавноста.

Вториот табор е оној на Шеќеринска, во кој своја улога играат министрите за администрација, Дамјан Манчевски, за здравство Филипче, за правда, Рената Дескоска, како и градоначалникот на Скопје, Шилегов. Целта на овој владин табор е или да успее да ја промовира Шеќеринска за кандидат за претседател, или пак во претседателската трка да оди Заев, но под услов Шеќеринска да седне во премиерската фотеља. Шеќеринска веќе разговарала со Теута Арифи, нејзина добра другарка од ДУИ, со замолница да лобира кај Ахмети за нејзината кандидатура како коалиционо решение. 

Третиот табор во владата е оној на ДУИ, на чело со Али Ахмети. Ахмети за прифатливи коалициони кандидати за претседателските избори ги смета Денко Малески, Стево Пендаровски и Зоран Заев. Во СДСМ има струи кои имаат свои забелешки и за Пендаровски, а некои и за Малески, но за Заев сите би биле согласни. Затоа и таа опција сега се разгледува многу сериозно од страна на Заев.

Во владата во која Шеќеринска и Спасовски се влијателни, но спротивставени партиски табори, вицепремиерот Анѓушев може да биде добар баланс. Анѓушев ужива солидна доверба од Заев, а има одлична комуникација и со бизнис секторот и со меѓународната заедница. Тоа што му е слаба страна е што нема сериозна партиска подршка во рамките на СДСМ, бидејќи не е нивен партиски член.

Но, Заев е свесен дека ако тој оди за претседател на државата, тогаш може да има тензии за превласт во владата меѓу ривалските фракции на Спасовски и Шеќеринска. На оваа тема, според нашиот извор, Заев веќе разговарал со двајца влијателни амбасадори, но и со министерот за внатрешни Спасовски, и им побарал поддршка за Кочо Анѓушев како опција за премиер, доколку Заев биде избран за претседател на државата. Логиката на Заев била дека на тој начин ќе успее да одржи рамнотежа меѓу двата табори на СДСМ, а се надевал дека Анѓушев ќе успее да направи и нешто повеќе на економски план. Во разговорот со Заев за оваа идеа Анѓушев ја искажал својата подготвеност да ја предводи владата после претседателските избори. Клучните разговори на оваа тема сепак ќе треба да се водат со Шеќеринска и нејзиниот табор, а се со цел тие да се согласат Анѓушев да ја предводи владата, но и да дадат збор дека нема да го рушат Анѓушев преку дел од пратеничката група и дека ќе му дадат соодветна поддршка во структурите на партијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести