Две анкети

Објавил: Калина Мартинска | 17 април, 2024 15:52

Анкети: ВМРО-ДПМНЕ со 54 пратеници во Собранието, Бугарија е најголема закана

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Според симулацијата на пратенички мандати изведена од априлското мерење на јавното мислење на граѓаните, спроведена од страна на ИПИС за потребите на емисијата Објектив на МРТ, најголем број пратеници во новиот парламент се очекува да има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Резултатите од најновата анкета на ИПИС

Имено, според проценката, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ би имала од 51 до 54 пратеници, СДСМ би имале од 28 до 30 пратеници, ДУИ од 13 до 17 мандати, коалицијата ВРЕДИ од 11 до 13 мандати, а по нив следат Левица со 4 до 7 и движењето ЗНАМ од 4 до 6 мандати.

По изборни единици, симулацијата предвидува во првата изборна единица ВМРО-ДПМНЕ да има од 8 до 9 пратеници, СДСМ 5, ДУИ од 2 до 3, ВРЕДИ 2 мандата, Левица од 1 до 2 и ЗНАМ еден освоен пратенички мандат.

Во ИЕ 2 се очекува ВМРО –ДПМНЕ да има 8 пратенички мандати, СДСМ 4, ДУИ од 2 до 3, ВРЕДИ 2, ЗНАМ исто така 2 пратеници, а Левица од 1 до 2.

Во изборна единица 3 проекциите велат дека ВМРО-ДПМНЕ би имале 12 пратеници, СДСМ 6, Левица и Знам по еден пратеник.

Во четвртата изборна единица потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ е да освои од 11 до 12 мандати, СДСМ 7, а шанса да освојат по еден пратеник имаат и Левица и движењето ЗНАМ.

Во ИЕ 5 според проекциите најмногу пратеници ќе има ВМРО-ДПМНЕ, односно 9 мандати, СДСМ од 5 до 6, а по нив следат ДУи од 2 до 3, Левица со 1 мандат, а потенцијал да имаат пратеник од оваа изборна единица имаат и ЗНАМ и ВРЕДИ.

Во шестата изборна единица според анкетите и проекциите се води изедначена трка на ДУИ и коалицијата ВРЕДИ. И двата блока имаат можност да освојат од 7 до 8 пратеници, по нив следи ВМРО-ДПМНЕ со 3 до 4 мандати и СДСМ од 1 до 2.

Анкетата е спроведена од страна на Институтот за политички истражувања – Скопје преку телефон во текот на март и април 2024 година. Бројот на испитаници е 6081, маргината на грешка изнесува +/- 1 проценти, а интервалот на доверба е 95%.

Анкета на ИРИ

Македонските граѓани ја сметаат Србија за најголем и најважен сојузник на државата. Ова го покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Според истражувањето, за 34 отсто анкетирани во Македонија најважен сојузник е Србија, пред САД, за кои се определиле 17 отсто, трета е Турција со 12 отсто, а по нив Русија со 8 отсто и Албанија со 5 отсто.

Од друга страна, најголема закана за Македонија е Бугарија, одговориле 23 проценти од македонските граѓани опфатени со анкетата. На второ место е Русија со 12 отсто, на трето Косово со 10 отсто, на четврто Албанија со 9 отсто и на петто САД со 8 отсто.

Во анкетата било поставено и прашањето каков треба да биде курсот на надворешната политика на Македонија. Според резултатите, 31% од испитаниците одговориле дека надворешната политика треба да биде проЕУ и прозападна, за проруска со одржување на релациите со ЕУ и Западот се 11%, а за само проруска политика биле 5 отсто.

Во споредба со останатите земји во спроведената анкета, никој не ја смета Македонија за важен сојузник, ниту пак за закана.

Анкетата на ИРИ била спроведена во февруари и во март годинава со интервјуирање лице в лице на 7.138 возрасни испитаници во шесте земји на Западен Балкан.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.