Димитров со втор обид да ги "помине" Бучковски и Фрчкоски за амбасадори кај Иванов, Македонија во моментов без амбасадори во над 25 свои дипломатски претставништва

Објавил: Мартин Попоски | 4 ноември, 2018 9:53

Бучковски и Фрчкоски извисија, прва жена амбасадор во НАТО

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Од извори во Министерството за надворешни работи, Магазин дознава дека вчера е договорена следната тура на амбасадори кои ќе покријат шест од вкупно 30, во моментов празни амбасадорски места во македонската дипломатска мрежа.

Но, сепак договарањето меѓу министерот Димитров и Претседателот Иванов не одело така едноставно.

Имено, точка на несогласување повторно биле предлозите за Бучковски и Фрчкоски (првиот за Вашингтон, вториот за амбасадор во ОБСЕ Виена), за кои Димитров нагласил дека не се негови, туку се предлози на кои инсистирал премиерот Заев.

Сепак, и покрај оваа втора ургенција, претседателот Иванов останал на својот став дека не ги смета Фрчкоски и Бучковски за кредибилни личности кои би можеле соодветно да ја претставуваат Македонија на највисоко амбасадорско ниво.

Она за што се постигнала взаемна согласност е Владата да ги определи кандидатите за амбасадорите за Мадрид, Будимпешта, Обединети Арапски Емирати и ОБСЕ Виена, а Претседателот да номинира амбасадори за НАТО и Киев.  

Ова се договорените кандидати:

Празните амбасади не се само неможност Македонија да си ги промовира и унапредува своите интереси во овие земји, туку во дипломатијата немањето на амбасадор се смета и како порака на непочитување кон земјата домаќин.

Будимпешта – Горан Стефчевски, кариерен дипломат, познавач на југо-источна Европа, награден за неговото учество во пишувањето на Договорот од Нивици.
Мадрид – Оливер Крлиу, кариерен дипломат, близок другар на министерот Димитров од времето на нивната заедничка служба во амбасадата во Вашингтон.
Абу Даби – Абдулкадар Мемеди, кариерен дипломат, близок до ДУИ, но во заладени односи со поглаварот на Исламската верска заедница, заради нивни несогласувања околу патот на парите кои верниците ги уплаќаат за визи за аџилак при одењето во Мека.
ОБСЕ – Игор Џундев, кариерен дипломат, стручен за меѓународни организации, близок до СДСМ.
Киев – Крум Ефремов, кариерен дипломат, стручен за договори за слободна трговија, со претходен стаж во Министерството за трговија од времето на Никола Груевски, сега како предлог на претседателот Иванов.
НАТО – Мира Крајачиќ, кариерен дипломат, со еден мандат во Копенхаген и пет години како министер советник во мисијата при НАТО во Брисел, а сега прва жена амбасадор на Македонија во НАТО, како предлог на Иванов.

Во текот на овие усогласувања станало збор и за Данчо Марковски, искусен дипломат како можен предлог амбасадор за Тирана (моментално е вршител на должност), на што Иванов немал против.

Но, за разлика од него министерот Димитров за овој предлог не успеал да го убеди државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, кој како кадровик на СДСМ во министерството, ставил “вето“ за Данчо Марковски, со главна забелешка дека тој во првиот мандат на владата на Груевски преминал од СДСМ во НСДП и бил многу соработлив со министрите од ВМРО -Д ПМНЕ.

На сличен начин извисил и Сашко Тодоровски (сопругот на Мирјана Најчевска), кој не добил преодна оценка за да биде амбасадор во ОБСЕ или во Советот на Европа. Владата на нејзината последна седница ги усвоила предлозите за шесте амбасадори, а сега ќе следува процесот на акредитација со земјите каде што треба да се упатат.

Во меѓувреме дипломатската мрежа на Македонија е полупразна како никогаш досега од осамостојувањето до денес.

Освен што немаме амбасадори во Тирана, Белград, Приштина, Белград, Сарајево, Загреб и Љубљана, празни се и македонските амбасади во Вашингтон, Пекинг, Брисел, Рим, Прага, Ватикан, Хаг, Токио, Копенхаген, Тел Авив, Обединети Нации, Стокхолм, Талин, Астана, Доха, Њу Делхи, Канбера и Каиро.

Краток заклучок, во моментов нема друго европско министерство за надворешни работи со толку испразнети амбасади. МНР под водство на Никола Димитров, за жал, е убедлив рекордер во оваа дисциплина.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.