Вториот ден од посетата на Вучиќ на Косово започна тензично и со пукање, на пет места во Дреница, вооружени групи на ОВК го чекаат претседателот на Србија да проба да помине

Објавил: Мирко Бачиќ | 9 септември, 2018 10:21

Втор ден на Вучиќ во Косово, почна и да се пука

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Неколку стотини Албанци, меѓу кои и ветерани на ОВК, утринава го блокираа патот со багери и шлепери кај селото Трнава кон селото Бањица во општина Србица, а во Трнава се слушнале истрели, објави српската државна телевизија РТС.

Станува збор за рутата по која српскиот претседател Александар Вучиќ требаше денеска да помине. Патот бил блокиран и со неколку камиони. Демонстраните носеле транспаренти против посетата на Вучиќ на Косово.

Општината Србица е целосно населена со Албанци, а во селото Бањица се наоѓаат околу 300 српски куќи.

Директорот на Здравствениот центар во Косовска Митровица, Милан Ивановиќ изјави дека тој дел е познат по екстремистите и најголемите злосторства кои ги извршиле Албанците.

Очевидно е дека Албанците се нервозни. Ова не е спонтан, туку организиран протест од страна на нивните соборци и политичкиот врв, со цел да се наруши посетата и да се заплашат Србите, истакна Ивановиќ.

Српскиот претседател, пак, во врска со истрелите изјави дека „работите треба да се решаваат со зборови и ум, а не со оружје“.

Уште посилно сум определен за зачувување на мирот и српските институции и народот на Косово, додаде Вучиќ во Косовска Митровица.

Тој утринава ја продолжи својата посета на Косово со обиколка на Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица. Потоа ќе ја посети локацијата за проектот на населбата Сончева долина, а ќе ги посети и Србите во селото Бањица.

Попладне ќе им се обрати на косовските Срби на собир во Косовска Митровица, што ќе биде централен настан за време на неговата дводневна посета на Косово.

Во меѓу време се огласи и министерот за одбрана на Србија.

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека во овој момент во околината на Дреница во Косово, каде што српскиот претседател Александар Вучиќ треба да помине до селото Бање, на пет места се пука, а според него, тоа го прават вооружени ветерани на ОВК, а одговорен е претседателот на косовското собрание Кадри Весељи.

Нашиот претседател нема да биде сам и нема да остане незаштитен. Моментно на пет места има блокади, вооружени луѓе кои пукаат, очекуваме и реакција од КФОР, а зад се ова стои Кадри Весељи и тој е одговорен за се што ќе се случи, истакна Вулин.

Тој за телевизијата Пинк нагласи дека КФОР треба да ја реши таа ситуација, бидејќи имаат и обврска и одговорност да реагираат.

Вучиќ оди во најопасниот дел на Косово, оди во Дреница и таму на пет места го чекаат вооружени луѓе, истакна Вулин. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести