Изборот на Јуда за апостол претставува возвишено покажување на љубовта Божја кон човекот и кон гршникот, како што и натопувањето на залакот и давањето од рацете Христови во устата на Јуда претставува најсовршено искажување на љубовта и грижата Божја за спасување на грешникот до последниот момент.

Објавил: Катерина Крстиќ | 16 април, 2020 9:49

ДЕНЕСКА Е ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК ДЕНОТ НА ТАЈНАТА ВЕЧЕРА: Ова се обичаите!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Велики четврток или Величетврток — ден од Страдалната седмица. Според источното христијанство тој е шестти ден од Страсната седмица, односно пет дена по Лазаровата сабота и четири по Цветници. А според западното христијанство тој е петти ден од страсната седмица, односно четири дена по Цветници. На овој ден се прави спомен на светото миење на нозете, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва, и самото предавство на Христос.

Во Евангелието е запишано сè што станало на Велики четврток. Започнува со Подготовката за Пасхалната вечера, позната како Тајна вечера на Господа Исуса Христа со апсотолите (Матеј 26,17-19; Марко 14,12-16; Лука 22,7-13). Се вели: „Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: ,Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?‘ “ (Марко 14,12). Првиот ден на Бесквасници бил, всушност, четвртокот, кој претходел на празникот кога се колело пасхалното јагне.

Господ Исус Христос го знаел предавникот и на Вечерата го навестил: „И кога седеа и јадеа, Исус им рече: ,Вистина, ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.‘ Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: ,Да не сум јас?‘ А Он им одговори и рече: ,Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата‘ “ (Матеј 26,20-25; Марко 14,17-21; Лука 22,14-23; Јован 13,21-26). Во Евангелието според Јован најопширно се опишани поединостите во врска со тоа, како Господ Исус Христос пред апостолите укажувал дека Јуда ќе биде Неговиот предавник. Изборот на Јуда за апостол претставува возвишено покажување на љубовта Божја кон човекот и кон гршникот, како што и натопувањето на залакот и давањето од рацете Христови во устата на Јуда претставува најсовршено искажување на љубовта и грижата Божја за спасување на грешникот до последниот момент.

Првиот ден е денот пред главниот настан. Тој ден бил чет¬врток, затоа што јудејците во петок почнувале да ја јадат пасхата, а денот пред тоа го подготвувале пасхалното јагне. По Божја наредба Евреите секоја година колеле пасхално јагне во спомен и сеќавање на преминот (пасха=премин), излегувањето од еврејското ропство. Во тој ден, учениците отишле да Го прашаат Христа каде сака да ја подготват и да ја јадат Пасхата.

Според ова, видно е дека Господ Исус Христос немал сопствено живеалиште, а ни апостолите немале свои домови за да Го повикаат и да Го одведат на пасхалната вечера, но исто така, видно е и тоа дека Он и Неговите апостоли сакале да го испочитуваат Старозаветниот закон за Пасха, а веројатно тоа го правеле и претходните три години. Христос ги испратил апостолите Петар и Јован (Лука 22,8), да ја подготват Пасхалната вечера. Преданието вели дека станува збор за куќата на евангелистот Јован Марко во Ерусалим. Можеби, токму заради одржувањето на Тајната вечер во тој дом, кога е востановена светата Евхаристија, подоцна токму „куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко“ постанува првиот храм во Ерусалим каде што се собирале мнозина и се молеле (Дела 12,12), односно ја продолжувале светата тајна Евхаристија. Подготвката на Пасхалното јагне, односно, Пасхалната вечера била како што предвидува обредниот закон: со горчливи билки, со вино и сè што било потребно за обредот. Господ Исус Христос на оваа Пасхална вечера или Тајна вечера, зел најобични работи: леб, вино, чаша и чинија, и на сето му дал вечно значење како на човечкото тело што го зел врз себе.

Сличноста меѓу Пасхалната и Тајната вечера се покажува во тоа што и едната и другата е премин од ропство во слобода: првата, од египетското ропство, а втората, од ропството на гревот; и едната и другата имаат жртви: првата, Пасхалното јагне, а втората, Господа Исуса Христа; и двете поставуваат заедница со Бога: учениците, во Пасхалната вечера претставувале знак за единството со Бога, а во Евхаристиската вечера сите учесници – сите приматели, претставуваат единство со Христа, избавување од гревот и премин од материјалниот во вечниот живот.

На овој ден рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца. Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца. Првото јајце, божјаче, откако ке се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“. Божјарчето се чува цела година, до наредниот Велики четврток, и само ова јајце не скапува! Останатите јаца се бојадисуваат во различни бои и на различни начини, а еве кои се значењата на боите на велигденските јајца:

  • Црна – вечност
  • Жолта – светло, среќа
  • Црвена – божествена љубов, надеж
  • Кафена – среќа
  • Бела – чистота, невиност
  • Портокалова – издржливост и сила
  • Зелена – раст
  • Виолетова – надеж и вистина
  • Сина – здравје.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести