И додека Албанија со сопствена авио компанија за почеток ќе лета на 10-тина дестинации низ светот, Македонија за министер го има Сугарески кој ги брка и странските авиопревозници

Објавил: Мартин Попоски | 16 септември, 2018 12:03

“Ер Албанија” со прв пробен лет

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Албанскиот национален авиопревозник “Ер Албанија” викендов го имаше првиот пробен лет.

Авион од типот “Ербас 319” полета од меѓународниот аеродром во Тирана кон Истанбул, а првите патници беа најдобрите според успехот студенти и матуранти.

На првиот лет на “Ер Албанија” присутуваше и албанскиот премиер Еди Рама.

“Изборот први патници да бидат најдобрите студенти и матуранти е поради фактот што тие се светлото лице на другите генерациии. Верувам дека тие ќе имаат среќна нога за авиокомпанијата.” – рече Рама.

Претходно на инаугурацијата на компанијата Рама најави дека секој од авионите ќе носи име на албански поети. Првиот авион го доби името “Ласгуш”. По еден месец ќе полета авионот “Миѓени”, додека до крајот на годината “Имзот Ноли”, ќе лета на релацијата Тирана – Њујорк.

Рама најави изградба на уште три аеродроми во Албанија и тоа во Кукс, Саранда и Валона.

Албанската авиокомпанија “Ер Албанија” беше формирана во ноември минатата година со помош на “Туркиш Ерлајнс”, за што голема благодарност Рама упати до шефот на турската држава Реџеп Таип Ердоган и на извршниот директор на турскиот авиопревозник, затоа што, како што рече, и обезбедиле ваква скапоцена помош на Албанија.

Тројца партнери во “Ер Албанија” се “Албконтрол” со 10 проценти, што ја претставува албанската страна, како и “Туркиш ерлајнс” и “МДН Инвестмент” со 49  односно 41 процент од акциите.

Рама, најави дека ќе се воспостават летови од Тирана до Скопје, Подгорица, Приштина, Сараево, Загреб, Милано и Лондон.

*Република Македонија својата прва и единствена авиокомпанија ја основа на 16 јануари 1994 година под името МАТ или Македонски Авио Транспорт. 

Авиокомпанијата веднаш го реализираше првиот лет Скопје – Цирих со авион од типот Боинг 737 – 200. 

И Република Македонија имаше своја сопствена авио компанија, МАТ, формирана пред 24 години, која опстојуваше до 2009 по што поради долг кон ЈАТ е затворена.

До 2000 година ЈАТ кој до тогаш беше национална авио компанија на Сојузна Република Југославија ги одржуваше авионите на МАТ и ги користеше услугите, дестинациите и персоналот како и двата авиони од типот Боинг 737 – 400. Нешто подоцна ЈАТ го продаде својот сопственички дел од МАТ.

Во 2005 година на аеродромот во Белград беше запленет еден од авионите на МАТ затоа што македонската авио компанија должеше неколку милиони американски долари на ЈАТ.

По овој инцидент МАТ во недостиг на пари го врати и вториот авион. Нешто покасно во 2006 година за прв пат МАТ купи свој авион.

Во 2000 година Владата на Македонија потпиша Договор со МАТ кој доби статус на национален авио превозник за следните 10 години,

1 година пред истекот на договорот во 2009 година МАТ им даде отказ на 70 од своите 180 вработени со цел да заштеди.

Како долгот на МАТ кон ЈАТ во 2009 година достигна над 10 милиони долари, компанијата премина во сопственот на ЈАТ која ја ребрендираше како Српска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.