Русија денеска ги започна најголемите воени вежби уште од периодот на Студената војна, на кои ќе учествуваат околу 300.000 војници и армијата на соседна Кина

Објавил: Мирко Бачиќ | 11 септември, 2018 17:20

Истокот на Сибир се тресе: Ова е најголемата воена вежба од Студената војна (видео)

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Вежбите „Восток-2018“ се одржуваат на истокот на Сибир, каде 3.200 војници ќе упати и Кина, заедно со бројни оклопни возила и авиони.

Војниците на Монголија исто така ќе учествуваат во вежбите, кои ќе траат до 17 септември.

Руското министерство за одбрана соопштило дека 36.000 тенкови, и други оклопни возила ќе учествуваат на вежбите, заедно со 1000 летала и 80 бродови.

 Вежбите ќе бидат одржани на пет воени полигони, во четири воздухопловни бази и во Јапонското море, Беринговиот проток и Охотското море.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјавил дека вежбите се оправдани имајќи во предвид “агресивните и непријателски“ ставови спрема Русија.

Според зборовите на началникот на Генералштабот на руската војска, генерал Валери Герасимов, денешниот и утрешниот ден ќе бидат посветени на планирањето и подготовките, додека вистинските операции ќе започнат во четврток и ќе траат пет дена, пренесува „БиБиСи“.

Помошникот на рускиот претседател Јури Ушаков претходно изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг ун нема да дојде на големите воени вежби „Восток-2018“.

„Не, не сум слушнал за тоа“, навел Ушаков одговарајќи на прашањето дали постои можност Ким да дојде на вежбите, пренесува „ТАСС“.

Вежбите нема да бидат одржани во спорните Курилски острови, напомнуваат од Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му пренесе на својот кинески колега Си Џинпинг во  рускиот град Владивосток, дека односите меѓу Москва и Пекинг се засновани на доверба во областите кои се движат од политиката до безбедноста и одбраната.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести