И БЕСА на Касами и БЕСА на Гаши јасно во ставот дека правото и правдата треба да победат, а не амнестијата, по што соопштија дека нема да ги поддржат уставните измени

Објавил: Мартин Попоски | 16 октомври, 2018 8:15

И двете крила на БЕСА против амнестија и уставни измени

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Двете крила на БЕСА по најавата на Заев за амнестија, се огласија и за понудата и за уставните измени.

И БЕСА на Биљал Касами и таа на Африм Гаши сметаат дека е неприфатлива понудата на премиерот Зоран Заев да се “амнестираат” обвинетите за насилствата на 27 април 2017 во Собранието.

Според групата предводена од Африм Гаши, политичарите не смее да се мешаат во работата на правосудството, а помирување е можно само по преземање одговорност.

Во суштина, во оваа ситуација политиката не е во право и не смее на никаков начин да им се меша на судовите. Ослободувањето на правосудството од политиката е услов за владеење на правото и за европска перспектива. Помирувањето е можно само ако се побара прошка и ако некој преземе одговорност. Се надеваме дека ќе се постигне правдата. – вели портпаролот Орхан Муртезани.

Инаку, премиерот Зоран Заев на почетокот на собраниска седница за уставните измени повика на помирување, што беше протолкувано како амнестија.

Групата предводена од Биљал Касами, пак, отворено е против повикот за простување. Велат дека амнестирањето на насилниците е нарушување на евроатлантските вредности.

Предлогот за амнестирање на учесниците во насилствата од 27 април во Собранието ги нарушува вредностите за кои се залагаме со интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ. – вели портпаролот Елмедин Мемиши.

Прашани дали пратениците на БЕСА ќе гласаат за таква амнестија, но и уставните измени, тие категорично одговараат со “не”.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.