Владата на затворена седница номинираше уште четворица амбасадори, пополнети местата во Берлин, Виена, Сараево и Љубљана, меѓу амбасадорите за прв пат и учител

Објавил: Данаил Михајловски | 8 ноември, 2018 13:09

Кадар на ДУИ за амбасадор во Берлин, учител во Сараево

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

На вчерашната затворена седница владата усвоила одлука за номинација на уште четворица амбасадори, кои ќе пополнат дел од испразнетата дипломатска мрежа на Македонија во странство.

Станува збор за постапка за упатување на амбасадори во Германија, Словенија, Австрија и Босна и Херцеговина.

Оваа најнова листа на амбасадори деновиве била усогласена помеѓу владата и претседателот на државата. Магазин, од владини извори, ги дознава имињата од новата листа на амбасадори и тоа се:

Рамадан Назифи, за Берлин.

Назифи е кариерен дипломат, близок до раководството на ДУИ и досега имал дипломатски ангажмани во Швајцарија и Германија. Во министерството за надворешни работи околу 15 години. Ги говори и англискиот и германскиот како странски јазици.

Ненад Колев, за Виена.

Колев е исто така кариерен дипломат, кој во времето на ВМРО – ДПМНЕ беше испратен да ја отвори македонската амбасада во Талин, Естонија. Важи за близок до претседателот Иванов, особено до неговиот советник за надворешна политика, амбасадорот Илија Исајловски. Говори англиски и германски јазик.

На насловната фотографија е Рамадан Назифи, новиот амбасадор во Германија. Од архивата и Ненад Колев новиот амбасадор на Македонија во Виена, Австрија.

Екрем Ебиби, за Сараево.

Ебиби не е дипломат од кариера, туку е дојден во МНР според рамковната квота на ДУИ, и посебно заради неговата блискост со Бујар Османи и со Блерим Беџети од општина Сарај, каде што и работел како учител.

Пред три години крилото на Беџети и Бујар Османи го протежираше Екрем Ебиби за амбасадор во Берн, Швајцарија, од каде што веќе беа и стигнале агремани, но изборот го блокирал претседателот Иванов бидејќи имал сознанија дека г-нот Ебиби, од странски јазици го владее само српско-хрватскиот.

Од таа причина, наместо во Швајцарија, министерот Никола Димитров на инсистирање на ДУИ, одлучил да го предложи Екрем Ебиби за амбасадор во Босна и Херцеговина, но во поразвиените европски дипломатии, г-нот Ебиби тешко би ги поминал квалификациите за амбасадор.

Сузана Зеленковска, за Љубљана.

Зеленковска е дипломат од кариера и е многу блиска другарка на министерот Димитров, уште од времето кога тој беше заменик министер. Претежно работела внатре во МНР, но има и еден мандат како советник во амбасадата на РМ во Белград.

Најновите номинации за амбасадори предизвикале и одредени реакции внатре во министерството, особено кај кадрите на СДСМ, како што се Радика Секуловска, Сашко Тодоровски, Пејка Трајановска и Шпреса Јусуфи, кои очекувале да им се исполнат ветувањата дадени пред изборите, дека и тие ќе добијат амбасадорски функции, заради нивното учество во разни протести против претходната влада.

Изненадување е и одлагањето на номинацијата на Фатон Бејта (внук на Невзат Бејта), кој веќе најавил дека има договорено да биде амбасадор во Копенхаген, но пред последната владина седница бил тргнат од списокот, по интервенција на министерот Димитров и уште еден министер од редовите на ДУИ.

Магазин веќе пишуваше за скорешната селекција на амбасадори, кога Оливер Крлиу беше номиниран за Мадрид, Крум Ефремов за Киев и Горан Стефчевски за Будимпешта. Во меѓувреме амбасадите во Вашингтон, Пекинг, ОН, Брисел, Прага, Хаг, Токио, Канбера и други, остануваат без амбасадори.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.