Анѓушев иако јавно вети дека негова компанија нема да "фати" државен тендер откако стана вицепремиер го има насекаде

Објавил: Мирко Бачиќ | 21 август, 2018 8:46

Компанијата на Анѓушев “лапнала” тендер од психијатриска болница

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Компанијата “Брако” која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев по неговото стапување на функција добила вкупно 2.5 милиони денари [40.000 евра] за набавки во четири очи без отворена тендерска постапка од државни институции.

“Брако” на Анѓушев во неколкуте набавки од државата набавувала од гориво преку медицинска опрема и кревети па се до изградба на патишта.

Станува збор зa конфликт на интереси ако се има предвид дека институциите префрлале пари на фирмата која е во сопственост на вицепремиерот што според правилата на антикорупциската комисија е недозволено. Симптоматичнo e што сите пет набавки кои ивредат 2.5 милиони денари се отворени со тип на постапка “Барање за прибирање понуди” која е брза и нетранспарентна и не значи јавен тендер. По укинувањето на Советот за јавни набавки токму овој тип на набавување остава најголем простор на местење на набавка.

Кочо Анѓушев е македонски стопанственик и сопственик на индустрискиот погон “Брако“. Во периодот 2000 – 2002 година бил помошник на генералниот директор за производство и управување во Електростопанство на Македонија [ЕСМ]. Во 2003 година ја основал фирмата “Фероинвест” која добила концесија врз 21 хидроелектрана во Македонија а истата година Анѓушев купил мнозинство од акциите во фабриката за жичани производи ”Брако”. Подоцна го основал претставништвото на групацијата ЕФТ во Македонија кое се занимава со трговија на електрична енергија. Американското економско списание ”Форбс” во 2014-та година го прогласило Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.

Компанијата која е во сопственост на Анѓушев набавувала болничка опрема за ЈЗУ “Психијатриска болница” – Негорци од каде земала околу 665.000 денари во исто време на ваков начин се набавувале и болнички кревети за клиниката за кардиологија. Набавката со психијатриската клиника е склучена на 22-ри јануари годинава.

Овен за болничка опрема компанијата на Анѓушев на државата и продавала и нафта за потребите на основниот суд во Велес за 82.600 денари.

Компанијата “Брако” доби и тендер од Македонија пат во вредност од речиси 37 илјади евра за кои треба да испорача мрежа за заштита од одрони на патишта за државната компанија. Договорот е склучен на 9-ти минатиот месец.

На тендерот кој го распиша претпријатието кое се грижи за патиштата низ земјава се пријавиле три компании. Сепак најефтина била понудата на “Брако”.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев пред неполна година ја убедуваше јавноста дека нема да дозволи негови фирми да добиваат тендери од државата а во меѓувреме неговите фирми добија тендер од ЕЛЕМ како и од Фондот за иновации и од Агенцијата за патишта.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.