Подмолно и во најголема тајност власта ги стокми измените на Кривичниот законик, уринирајќи врз сето она што го сработи некогашното СЈО, но и Обвинителството за организиран криминал. Од решетки спасија поранешни, но и довчерашни и сегашни функционери.

Објавил: Македонка Димкин | 16 септември, 2023 15:18

Можеби Груевски и да се врати, ама ќе нема Македонци повеќе да го пречекаат

Фото/Текст извор: ©Фокус

Пред неколку години, на едно од судските рочишта за случајот „Траекторија“, седнат на обвинителна клупа, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски кажа виц. Реши да ги насмее присутните во судницата, додека судечкиот совет се повлече на кратко за да одлучи по приговор.

„Во некоја престолнина, царот му предал парче хартија на својот син, на која имало напишано голема мудрост. Му рекол да ја прочита пораката само тогаш кога ќе се најде во безизлезна ситуација. По години, дошол денот, бидејќи синот бил нападнат од непријателска војска, па бидејќи бил опколен од сите страни и веќе му немало спас, решил дека е време да ја прочита пораката од татко си. Таа гласела: „Не грижи се сине, што и да е ќе помине“!

По смеата во судницата, и Пешевски слатко се насмевна, иако тогаш соочен со висока затворска казна, му гореше под нозете. Додаде дека како и во вицот, така ќе биде и со нив, (мислејќи на обвинетите од СЈО), што и да е, ќе помине.

И така и бидна. Помина. Иако се чинеше дека и тие се фатени во тесно, дека нема да можат да мрднат ни лево, ни десно, сепак кога најмалку се очекуваше, добија сламка за спас, и тоа баш од оние што се колнеа дека ќе ги стигне правдата.

Подмолно и во најголема тајност власта ги стокми измените на Кривичниот законик, уринирајќи врз сето она што го сработи некогашното СЈО, но и Обвинителството за организиран криминал. Од решетки спасија поранешни, но и довчерашни и сегашни функционери.

Ја модифицираа онаа народната, сложни браќа куќа градат, во сложни политичари закон градат за да можат слободно да крадат!

На уиграното оро на СДСМ и ДУИ се фатија и овие од ВМРО-ДПМНЕ, глумејќи дека случајно ги „понела“ песната. Тие биле против, ама во сето брзање заборавиле да се пуштат, па сложно, наместо на „О, тешкото“, заиграле дека се раѓа ново сонце на слободата. Како по свадба тапани, се правдаат дека, сепак, не запеале и не кренале рака.

Но, и народот мора да ги разбере. Ниту едните, ниту другите не изградија достојни затвори, а оној во Струга, не може да ги прибере сите. А и еве кај и да е, ќе зазими, па што ќе прават на езеро? Па, зар го личи струшкиот татко, при таква промоција на локалниот затвор, да лежи во скопскиот?! А и не е тој виновен што скопјани му го фатија местото.

Вака сите се среќни и задоволни. Здружно си изгласаа функционерска амнестија, а ситните џепчии или превозници на мигранти, да не се грижат, за нив има букирани легла.

А не треба да се заборави ниту последниот играорец, претседателот Пендаровски! Можеше одново да ја запее „Бела чао“, но тој реши да го продолжи ликот и делото на претходникот Иванов. Со две раце ја потпиша амнестијата на функционерите со лепливи раце, правдајќи се дека во законот немало збор амнестија.

Еве, кога се држи само до формата, а не и до суштината, нека биде така. Ама тогаш нека појасни како се вика кога некој политичар го спасуваш од решетки? Искупување на гревовите?! Втора шанса?!

Во иста насока е и „перењето“ на заменик-министерката за правда, Мадиќ. Ја просветли јавноста дека отсега, кога, застареноста е пократка, обвинителите и судиите ќе работеле побргу, а не како досега, предметите стоеле во фиока.

Ами ако таму лежел зајакот, што не им организиравте обука на судиите и обвинителите да работат побрзо или да ги смените одредбите што овозможуваат одолжување на постапките? Ама не, се решивте со еден удар да убиете не еден, туку стотина зајаци!

И не ве пере ниту приказната за проширената конфискација. Дека поентата на измените било тоа што ќе им се одзема украденото на функционерите. Па, тоа беше возможно и досега, ама проблемот е што никој не сакаше да им брцне во џебовите. Новината е дека конфискацијата ќе остане по старо, а новото е дека нема ниту да лежат во затвор.

А за пречекот на Груевски, не му ја мислите многу. Си изгради Триумфална капија по свој вкус, па му доликува и да помине низ неа. И не мора на бел коњ, може и во „мерцедесот“ од 600.000 евра, кој ви го остави во наследство.

Сепак, мислам дека сценариото за негово враќање и не е реално. И да се спаси од сите судски гревови, што ќе бара тука, кога Македонија се исели или е веќе на пат да се доисели!

А, да, и ќе си лежите, ама на фотелјите!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести