Во кампањата, во фокусот на своите ветувања, Марин го имаше недозволувањето да се гради околу "Мајчин дом", по година дена на функција, смета дека сепак тоа е најдобро решение

Објавил: Мартин Попоски | 28 октомври, 2018 7:52

На Марин му пропадна единственото предизборно ветување

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Случајот „Мајчин дом“ или почетокот на градбата на деветкатницата во скопски Аеродром преку ноќ ја сензибилизира атмосферата во оваа најголема скопска општина според бројот на жители.

Граѓаните го кренаа својот глас за градбата во паркот кај „Мајчин дом“, општината веднаш „крена рачна“, иако инвеститорот тврди дека располага со сите потребни документи и дозволи за градба.

Во моментов интензивно се бара решение на проблемот, а за сите детали околу иднината на објектот говори првиот човек на општината Златко Марин.

Јас воопшто немам отстапено од мојот став и се уште сметам дека не е добро таму да се гради. Од првиот ден се обидуваме да го заштитиме тој плац од градење и да најдеме решение во интерес на граѓаните. Во кампањата, но и пред тоа, бев првиот кој апелираше дека ВМРО – ДПМНЕ планира да донесе ваков штетен ДУП и организиравме протести.

Во таа фаза спречувањето на оваа градба ќе беше многу полесно и јас лично тоа го иницирав. Потоа насилно се донесе ДУП и во кампањата ветив дека ако победиме, ќе се борам со сите правно достапни механизми да го спречиме градењето. Токму тоа го правиме. Уште веднаш ги доставивме сите потребни документи до Уставниот суд, каде што се поднесени 13 претставки за ДУП И10. Единствено оваа институција може да го поништи ДУП и ја очекуваме нивната одлука. – истакна Марин.

Златко Марин за време на предизборната кампања од локалните избори фокусна точка во своите обраќања имаше токму од зелениот појас покрај “Мајчин дом”, тврдејќи дека доколку биде избран, ќе стави крај на градежната мафија и експанзија. Денес истиот тој Марин тврди дека најдобра солуција е да се гради.

Меѓутоа ни Марин не гледа друго решение освен градба.

Прво се бараше друга парцела, односно заменска парцела, каде што инвеститорот би можел да гради. Разгледани се сите можности на целата територија на општината, се правеа процени на вредноста на парцелите, правни процедури за преземање и префрлање на проектот, се што беше потребно. Се бараа пред се парцели во помалку урбанизираните делови од Аеродром.

Потоа, во соработка со Град Скопје и Министерството за транспорт се бараше решение и надвор од територијата на Аеродром. Ова веднаш се покажа како невозможно поради низа правни пречки, но и временски рокови што воопшто не одговараат.

Проблемот е што таа процедура може да трае и неколку години, а инвеститорот, според она што го кажува, веќе има покренато високи кредити и има големи тековни трошоци. Со чекање само уште повеќе се компликува состојбата, а трошоците растат и тоа не е решение на проблемот. Сакам да потенцирам, вопшто не е точно дека не се бара решение, напротив, направивме многу да најдеме решение. Го бараме сега, но и апелиравме да не се носи ДУП за да не се донесеме во оваа позиција. Тогаш, за жал, јавноста не покажа интерес за оваа тема како сега. – изјави Марин.

Марин тврди дека општината нема пари да го обештети инвеститорот но и смета дека не би требало во оваа фаза тој да се кочи во градбата.

Според досегашните анализи сумите се огромни и општината не располага со такви средства. Дополнителен проблем е што не може точно да се предвиди колку би била конечната отштета што ќе ја бара инвеститоторот, колку ќе бидат трошоците доколку се оди во судска постапка и слично. Од она што засега го имаме пресметано, само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5.5 милиони евра или збино 11 милиони евра. Општина Аеродром во моментов има на располагање околу четири милиони и 800.000 евра, а нашиот основен буџет за цела 2018 година изнесува околу девет милиони евра.

Ова би значело комплетен крах на буџетот на Општина Аеродром и огромни штети за граѓаните. 

Мораториумот воопшто нема да го реши проблемот. Тој само може да го одложи градењето и дополнително да ја искомпликува целата состојба. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП, не влијае на маркичката за градба, не решава ништо. На овој начин само се блокираат сите останати неспорни градби и тековни работи во општината. Со мораториум за градба нема да спречиме градење, само ќе го пролонгираме, а на сметка на тоа може да трпиме и финансиски штети. Решенијата што ние ги баравме беа во насока на трајно решение на проблемот, не во негово одлагање. – заклучи Марин.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести