При крај истрагата за Силвана Бонева

Објавил: Узунов Бобан | 16 март, 2019 10:32

На Силвана Бонева ќе и се суди за приложување лажни патарини во Собранието?

Фото/Текст извор: ©макфакс/магазин

Како што пишува порталот макфакс, истрагата за предметот на СЈО со кодно име „Друмарина“, во кој е осомничена експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, е во финална фаза. Ова го пишува во седмиот шестмесечен извештај на специјалното јавно обвинителство, што беше објавен вчера.

Изминатите 6 месеци СЈО презело голем број истражни дејствија, сослушало сведоци и поднело повеќе барања до различни институции од кои ги добиле бараните податоци. 

ЗА ШТО Е ИСТРАГАТА НА СЈО ПРОТИВ БОНЕВА : Под кодно име „Друмарина“истрагата е отворена поради основано сомнение дека осомничената, тогашен пратеник во Собранието на Република Македонија сторила кривично дело – Измама во службата од член 355, став 3 и 1 од КЗ, а во врска со користење на право на надомест на патни трошоци за службени патувања со сопствено возило.
За периодот на кој се однесува истрагата осомничената била пратеник во Собранието на Македонија. Истата, во периодот на нејзинот мандат од 25.06.2011 до 16.12.2015 година, до службите на Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила патувања заради присуство на седници во парламентот.
Меѓутоа, од прибавените докази произлегува дека истата имала сместување во Скопје и не ги остварила прикажаните патувања на посочената релација, за присуство во Собранието.

СЈО на 22.10.2018 и 25.12.2018 година воспоставило стварна надлежност на предмети од скопското јавно обвинителство поврзани со истрагата.

„Предметот се наоѓа во финална фаза, па по завршување на истражната постапка, ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, пишува во извештајот на обвинителството.

На 19 декември 2017 година, СЈО отвори 7 нови истраги, меѓу кои и истрагата за Бонева. Според СЈО, во периодот од јуни 2012 до декември 2015, Силвана Бонева приложила 843 фискални сметки кои наводно ги зела патувајќи на релација од Струмица до Скопје.

Обвинителството тврди дека има докази оти Бонева имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100 илјади километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина патувала секој работен ден.

Бонева тогаш изјави дека истрагата е неоснована и дека нема да коментира истраги на орган кој немал право да отвора истраги.

Според извештајот на СЈО, во завршна фаза се наоѓаат и истрагите за „Актор“, „Лидери“, „Моќник“, „Тарифа 2“, „Транспортер 2“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.