Заев упорно го "воспева" Преспанскиот договор со кој втората страна (Македонија) губи се, а Грција не направила ниту една запирка како отстапка од нејзините национални интереси

Објавил: Мартин Попоски | 14 октомври, 2018 10:58

Не постои подобар Договор од договорот за промена на името на Македонија

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Премиерот на Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев, ја продолжува низата интервјуа во кои го промовира Преспанскиот договор како идеално решение за спорот со името, проблем кој е плод на имагинацијата на нашиот јужен сосед.

Под наслов “Потребна е политика, а не нови граници“, на насловната страница, викенд изданието на грчкиот весник “Та неа” го пренесува интервјуто со македонскиот премиер Зоран Заев.

Во опширното интервју премиерот Заев вели дека не постои подобар договор од актуелниот и изразува надеж дека пратениците ќе ја почитуваат волјата на граѓаните кои гласаа на референдумот.

Потенцира дека е време Балканот од буре барут да стане извор на стабилност, а говори и за текот на преговорите, но и упатува порака до Грција дека сега имаме можност за историски успех како инвестиција за иднината.

Во Договорот со Грција Македонија не е никаде спомната. Таа се именува само како втората страна. Со што премиерот Заев избегнува да одговори кои отстапки ги направила грчката страна, за сметка на промената на името на Македонија, негирањето во постоењето на Македонската нација, Македонскиот јазик и писмо, ревизија на историјата но и негирање на постоењето на македонското етничко малцинство во Грција.

Во пресрет на гласањето за уставните измени, премиерот вели дека исполнувањето на визијата за иднината на земјата, поддржана од мнозинството граѓани на референдумот, сега е во рацете на секој член на Собранието.

Сите членови на Собранието, независно од нивната политичка поставеност, имаат историски долг во име на граѓаните да го обезбедат патот на земјата кон стабилност, безбедност и економски просперитет. Тоа е патот кон ЕУ и НАТО што поминува преку Договорот од Преспа. Очекуваме од членовите на нашето Собрание да донесат одлука во оваа насока, како доказ дека ја почитуваат волјата како на граѓаните кои гласаа на референдумот, така и на околу 80% од граѓаните кои одобруваат и континуирано бараат интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ. – вели Заев и објаснува дека ако “пратениците од ВМРО – ДПМНЕ продолжат да одбиваат да преземат одговорност и останат на нивните позиции кои што се закана за иднината на земјата, тогаш парламентарното мнозинство ќе гласа за предвремени избори“.

За резултатот од референдумот, Заев вели дека гласаа над 660.000 граѓани од кои над 90% беа “Зa” и објаснува дека теоретски требаше да излезат на гласање 903.169 граѓани, од кои 451 585 да гласаат “Зa”, а во конкретниот случај бројот на оние кои дадоа позитивен одговор е 609.813 граѓани.

Зарем ова не е израз на волјата на граѓаните?! – се прашува премиерот во интервјуто.

На прашањето дали можеби големата поддршка од Запад имала бумеранг ефект, Заев вели дека е полесно да успееш кога имаш пријатели кои што те поддржуваат.

Нивната желба да ја видат нашата земја како рамноправен партнер во големите сојузи е искрена и силна. Нашите пријатели од меѓународната заедница го поддржуваат процесот, потврдувајќи дека го признаваат идентитетот и нашето државно постоење и ова е израз на почит кон сите граѓани на нашата земја. – објаснува Заев во интервјуто.

Македонскиот премиер, преку викенд изданието на весникот “Та неа” испраќа порака до Грција, до владата, опозицијата и граѓаните дека “треба да се задржи добриот дух на соработка и силна политичка волја кои дојдоа од Преспа” и токму овој дух да ја одредува иднината.

Заедно имаме единствена можност да пратиме силна порака за стабилност во регионот и Европа, заедно имаме можност да направиме историски успех што ќе биде сериозна инвестиција за иднината. – вели Заев, изразувајќи го ставот дека “не постои подобар договор за двете страни од овој“.

Во интервјуто, прашан за отстапките направени во Договорот од Преспа, Заев вели дека не сака да говори за тоа кој што даде и што зема, туку сака да говори за “решенија кои отвораат перспективи за иднината” наместо за отстапки.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.