Обвинителството со предистражни постапки против МВР, СЈО и Кривичниот Суд, се испитува одговорноста кој направил пропуст со што му овозможил на Груевски да избега

Објавил: Мартин Попоски | 23 ноември, 2018 7:22

Обвинителството ќе испитува одговорност кај Спасовски за бегството на Груевски

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Обвинителството за организиран криминал и корупција во предистражната постапка што ја отвори за бегството на Никола Груевски ќе истражува дали има пропуст и одговорност и кај врвот на МВР.

На “мета” се министерот Оливер Спасовски и директорите на управите за јавна безбедност (БЈБ) и за безбедност и контраразузнавање (УБК), како надлежни за обезбедување и проценки за бегство на поранешниот премиер на Македонија.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска за вели дека нејзиното обвинителство во рамки на предистражната постапка ги очекува во наредните две недели снимките од безбедносните камери од Црна Гора и тоа од граничните премини Албанија – Црна Гора и Црна Гора – Србија, да се види кога, со кого, со помош или сам и на кој начин влегол и излегол избеганиот Никола Груевски.

Колегите воспоставија соработка и со органите на Албанија. Но, нас не интересира и што ни се случило овде, во нашиот двор. Во МВР се води интерна истрага за евентуални пропусти и незаконитости во рамки на Министерството. А за тоа што ме прашувате дали може раководството на МВР само да се истражува, ќе ви одговорам дека тој дел, министер и директори е работа на Обвинителството. – изјави шефицата на Обвинителството за организиран криминал Русковска.

Одговорност ќе се истражува и кај Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое не побара мерки за Груевски по изрекувањето на пресудата, но и кај судијата за извршување санкции од Основниот суд Скопје 1. По неуспешниот обид курирот да го најде дома Груевски уште во петокот на деветти ноември 2018 година за да му го врачи решението на рака веднаш да оди на издржување на затворската казна во Шутка, судијата не го известил одделот за потраги во МВР.

Русковска вели дека нема да излегува со информации додека не дојде до конкретни докази каде е пропустот за бегството на осудениот експремиер, кој има уште 4 судења, а од вчера и две нови обвиненија, но и истраги за многу потешки кривични дела од ова за кое избега.

Таа вели дека во принцип обвинител не може да има предлог за притвор, ако претходно од МВР не добил оперативни сознанија дека обвинетото или осуденото лице планира бегство.

СЈО би било одговорно само ако имало сознанија за бегство или за празнење на сметките од страна на осудениот Груевски непосредно пред да избега, а не побарало притвор. – објаснува Русковска.

За евентуалната одговорност на судијата за извршување санкции, таа вели дека чека тоа да го расчисти Судскиот совет и да го извести Обвинителството.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести